На 6 февруари 2009 година беше формирано Македонското друштво „Илинден”-Тирана, а оваа година се навршуваат 17 години од неговото постоење и работа. Македонско друштво „Илинден”-Тирана е регистрирано во Основниот суд во Тирана, а со цел заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет на Македонско национално малцинство во Република Албанија.

„Илинден“-Тирана во овие 17 години им посвети посебно внимание на Македонците во областите Голо Брдо, Преспа, Гора и Врник.

-Од особено значење за работата и информирањето за активностите на Македонското друштво „Илинден“-Тирана е објавувањето на Македонски весникот „Илинден” кој покрај печатеното има и електронско издание. Македонски весник „Илинден” излезе на печатење во март 2011 година во Тирана и единствен весник на Македонците во Република Албанија, што излегува во печатна и електронска верзија. „Илинден“ е стандардизиран според меѓународните норми со ISSN 2522-6282. Македонски весник „Илинден” е дел од агрегаторите на вести time.mk, grid.mk, daily.mk и vesti.mk. Македонски весник „Илинден” е член на платформата Алијанса за етички медиуми (АЕМ) каде членуваат 29 печатени и аудиовизуелни медиуми во Република Албанија – вели Никола Ѓурѓај, претседател на Македонското друштво „Илинден“- Тирана.

Долгогодишната присутност на Македонското друштво „Илинден”-Тирана во Федералната унија на европските националности и други меѓународни организации ја покажа потребата од назначување на Меѓународен координатор на што беше реализирано во 2023 година.

-Македонското друштво „Илинден”-Тирана, за периодот од 17 години оствари безброј средби со многу државни институции во извршната и локална власт, а соработката ја проширивме со невладиниот сектор, во земјата и странство. „Илинден”-Тирана е член на Федералната унија на европските националности од 16 мај 2015 година и дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Како активен партиципиент во ФЕУН, членови на друштвото досега учествуваа во сите конгреси и поднесува резолуции, што придонесува „Илинден”-Тирана да е рамноправен член и силен глас на Македонското национално малцинство во Федералната унија на европските националности – вели Ѓурѓај.

Оваа година, за прв пат во Република Албанија, Македонското друштво „Илинден“-Тирана ќе биде организатор и домаќин на семинарот на Работната група на словенски малцинства (АГСМ) при Федералната унија на европските националности, активност што се одржува секоја година во различен регион со словенско малцинство во Европа и претставува голема чест и секако благодарност за активноста на друштвото, како и историска за Македонците во Република Албанија.

-Во изминатите 17 години како претседател заедно со моите соработници, имавме можност да оствариме бројни работни и официјални посети, да се сретнеме и да соработуваме со владини институции, како во Република Албанија, така и во матичната држава Република Македонија, а и со меѓународни организации. При сите реализирани средби со претставниците на државните институции во Република Албанија, во матичната држава Република Македонија и европските институции ја користевме секоја прилика да размениме мислења за важни прашања за унапредувањето на положбата и правата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Иако не секогаш наоѓаме заедничко или задоволително решение за одреден проблем, сепак должна благодарност искажувам на сите државни институции во Република Албанија, и во матичната држава Република Македонија и низ светот. „Илинден“-Тирана останува посветено на борбата за правата на македонско национално малцинство во Република Албанија, за унапредување на положбата на Македонците врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност – вели Ѓурѓај.

Тој, во чест на 17 години од постоењето на „Илинден”-Тирана ги повикува сите државни институции како и сите политички партии и невладиниот сектор во Република Албанија и во матичната држава Република Македонија да дадат „поддршка на Македонците во Република Албанија, да дават поддршка во континуитетот за решавање на проблемите што се сочуват и да се спречи асимилацијата од Бугарија“.

-„Илинден”-Тирана ги повикува институциите во Република Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на македонскиот идентитет и македонското културно наследство. Посебно благодарност сакам да упатам до сите што помогнале на Македонско друштвото „Илинден“-Тирана во овие 17 години. Да му се множат годините на Македонското друштво „Илинден”-Тирана, а за неговите постигнувања оставаме повеќе да каже историјата. Македонците во Република Албанија и Албанците во Република Македонија се мостови на братство и пријателство меѓу двата народа и двете држави. Да се вечни Македонците во Република Албанија! Да живее албанското – македонско пријателство! – додава Ѓурѓај.