„Гоцевата вечер“ пригодно одбележана во Торонто

Организацијата „Обединети Македонци во Канада“ (ООМК), на 7 февруари, по 53-ти пат ја организираше традиционалната „Гоцева комитска вечер“, еден од најзначајните културно-национални настани во македонската дијаспора. Настанот, кој секоја година се одржува во чест на роденденот на револуционерот и визионер Гоце Делчев (4 февруари), годинава повторно ја исполни големата сала на македонската православна соборна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто со свечена атмосфера, патриотски дух и чувство на заедништво. „Гоцевата вечер“ не е само културен собир туку и живо сведоштво за истрајноста на македонската заедница во Канада да ги зачува споменот и делото на својот национален херој. Со секоја нова година, оваа традиција станува мост меѓу генерациите – од постарите, кои ги носат сеќавањето и историската свест, до младите, кои преку вакви настани ја учат и ја чувствуваат својата припадност. Во свечената програма се преплетоа говори, музика, песни и рецитации, кои ја оживеаја сликата за Гоце Делчев како симбол на борбата за слобода и достоинство. Салата беше исполнета со македонски знамиња, традиционални обележја и емоции што ја потврдија силната врска меѓу дијаспората и татковината.
Свеченоста ја водеше господинот Никола Делов, поранешен секретар на организацијата „Обединети Македонци во Канада“ (ООМК), а потоа на присутните им се обратија претседателот на организацијата „Обединети Македонци во Канада“, Ристо Дурловски, Фикрет Сак, потомок на иселеници од Македонија во Турција, кој годинава беше почесен гостин на „Гоцевата вечер“, Сара Трајковска, конзулка на Република Македонија во Торонто, Борис Стојкоски, претседател на црковниот одбор при „Св. Климент Охридски“, и Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права. Секое од овие обраќања ја нагласи важноста на единството, културната меморија и борбата за човекови права, додавајќи нови слоеви на значење во вечерта.
Свечениот дел на програмата заврши со еден од најзначајните моменти на вечерта – читањето на „Повелбата“, во која беше изразена силна и јасна волја на македонската дијаспора во Канада со барање за раскинување на сите штетни меѓународни договори што ги нарушуваат достоинството и идентитетот на македонскиот народ. Во „Повелбата“ се нагласува потребата Македонија да го продолжи своето членство во Обединетите нации под историското и единствено име – Македонија, како и враќање на првото знаме на независната држава, знамето со шеснаесеткракото сонце од Кутлеш, симбол што ги претставува вековната борба и културно наследство на Македонците.
Покрај оваа декларација, беше прочитано и „барање“ упатено до владите на Република Македонија и на Република Грција. Во него се изнесуваше иницијатива за изградба на споменик на Гоце Делчев во неговиот роден град Кукуш, како и поставување спомен-плоча во селото Баница, Серска околија, во близината на срушената црква каде што Делчев го положи својот живот. Оваа иницијатива беше претставена како чин на историска правда и како начин да се зачува споменот на великанот што со својата жртва ја осветли патеката на македонската национална борба.
По официјалниот дел, следуваше забава исполнета со македонски песни и ора во изведба на популарниот оркестар „Соња и Оливер“. Нивната музика ја раздвижи салата, обедини генерации и ја претвори „Гоцевата вечер“ во вистински празник на македонската култура, традиција и заедништво. Д.Ст.