• Норвежанецот е некогашен планетарен првак во класичен шах (вкупно пет пати ја освои круната), а сега е актуелен светски шампион во забрзан (девет), брз (шест) и во Фишеров шах (една)

Норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен е светски шампион и во Фишеров (слободен) шах за 2026 година, по Светското првенство (СП) викендов во Вајсенхаус (Германија). Со тоа, тој и официјално ја обезбеди оваа титула првпат признаена од Светската шаховска федерација (ФИДЕ), а негова 21. во сите шаховски формати досега, пишува ФИДЕ.
Во Фишеров шах (оваа варијанта се нарекува и шах во слободен стил и шах 960), фигурите од првиот ред имаат поинаква почетна позиција одредена на случаен начин. На СП 2026 се играше со темпо на игра 10 минути, плус пет секунди по секој потег.
Ремито во четвртата, последна партија во финалето против Американецот Фабијано Каруана (2.727) беше доволно за Карлсен (2.832 рејтинг-поени) да ја запечати победата со 2,5-1,5. Решавачка беше третата партија, која Карлсен ја доби во речиси загубена позиција.
Нодирбек Абдусаторов (2.703) од Узбекистан е трет, победувајќи го Винсент Кејмер (2.627) од Германија со 2,5-1,5, Ханс Ниман (2.646) од САД го совлада Арјун Еригаиси (2.741) од Индија со 2-0 и е петти, а Левон Аронијан (2.749) од САД е седми откако го победи Јавохир Синдаров (2.662) од Узбекистан со 2-1. Првите тројца се пласираа на СП во Фишеров шах во 2027 година.
Во женска конкуренција, Казахстанката Бибисара Асаубаева (2.439) го доби егзибицискиот меч со 2,5-1,5 против Швајцарката Александра Костенјук (2.451) и обезбеди место на претстојното СП во Фишеров шах за жани.
– Денешната сигурно не е една од моите поубедливи победи, но се чувствувам одлично што можам да победам во малку послаб ден – рече Карлсен, пренесе специјализираната интернет-страница за шах, „Чес“.
На СП 2026 настапија вкупно осум шахисти, кои играа прво секој со секого, а Карлсен беше прв со 4,5 поени од седум можни, пред Каруана, Кејмер и Абдусаторов со по четири. Првите четворица и играа за титулата, а Аронијан, Еригаиси, Ниман и Синдаров за пласман. Наградниот фонд беше 300.000 долари, а победникот заработи 100.000. Г.И.


СВЕТСКИТЕ ТИТУЛИ НА МАГНУС КАРЛСЕН

класичен шах 5 2013, 2014, 2016, 2018, 2021 г.
забрзан шах 9 2009, 2014, 2017, 2018, 2019, 2022, 2023, 2024, 2025 г.
брз шах 6 2014, 2015, 2019, 2022, 2023, 2025 г.
фишеров шах 1 2026 г.