Фото: ЕПА
  • Розети, шеф на судиите во Европската фудбалска унија, вели дека технологијата работи многу добро за фактички одлуки како офсајд, но субјективните ситуации водат до премногу интервенции

Шефот на судиите во Европската фудбалска унија (УЕФА), Роберто Розети, вели дека прегледот на системот видеопомошник-судија (ВАР) станува премногу форензички, а зборувајќи на Конгресот на УЕФА, Розети додаде дека е потребна многу работа за да се најде „доследна интерпретација“ на играњето со рака, пишува „Би-би-си“.
Розети вели дека технологијата работи многу добро за фактички одлуки како офсајд, но субјективните ситуации водат до премногу интервенции. Англиската Премиер-лигата има најниска стапка на интервенција на ВАР во врвните лиги во Европа сезонава, од 0,27 по натпревар, иако помалку прегледи не доведоа до помалку контроверзии околу одлуките, а Бундеслигата и Ла лига се следни со 0,38, Серија А со 0,44 и Лига 1 со 0,47, пишува „Би-би-си“. Во Лигата на шампионите, коефициентот е, исто така, висок, 0,45.
– На крајот од сезоната треба да зборуваме за ова, бидејќи не можеме да одиме во оваа насока на микроскопски интервенции на ВАР. Го сакаме фудбалот каков што е – рече Розети.
Тој изјави дека дел од проблемот биле гледачите и медиумите што прашувале „каде е ВАР?“ за сѐ поголем број субјективни одлуки, пишува „Би-би-си“.
– Не можеме да заборавиме зошто го употребуваме. Станува збор за правда. Добро е за гледачите, за сите, бидејќи сакаме правилни одлуки на теренот, особено кога тие се јасни – рече тој.
Розети додаде дека европскиот фудбал мора да зборува „само на еден технички јазик“ за ситуации со играње со рака. Толкувањето се разликува многу низ лигите, при што Премиер-лигата користи еден од поблагите пристапи, пишува „Би-би-си“.
– Не можеме да зборуваме на различни технички јазици низ Европа. Не е добро. Не е добро и затоа што тимовите играат во европски натпреварувања. Многу зборуваме за тоа. Секако, пред следната сезона, треба повторно да зборуваме. Само една униформност и конзистентна интерпретација. Работиме за ова – рече Розети.
Розети навести дека е против проширување на надлежноста на ВАР. Се очекува Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) да одобри преглед на корнерите и вторите жолти картони кога ќе се состане на 28 февруари, пишува „Би-би-си“.
– Она што е клучно е еден концепт, не можеме да го одложуваме продолжувањето со игра на мечевите. Ако има нешто што би го одложило рестартирањето на играта, мислам дека тоа не е добро за фудбалот. Можам да ви кажам и дека секоја мала промена со цел да се забрза рестартирањето на играта, ни се допаѓа. Ни се допаѓа затоа што фудбалот е интензитет, емоции, а не е одложување на продолжувањето со игра – вели Розети.
Розети рече дека на состанокот на најдобрите европски судии минатиот месец, фокусот бил ставен на фудбалерите што премногу лесно паѓаат на земја од минимален контакт. На судиите им е кажано и да ги следат акциите за блокирање на голманите при корнери кога тоа јасно ги спречува да ја допрат топката.
Шефот на судиите во Европската фудбалска унија додаде дека има резерви во врска со предложената промена на офсајдот од поранешниот менаџер на Арсенал, Арсен Венгер, според која, би требало да има простор меѓу напаѓачот и дефанзивецот. Тој рече дека тоа би создало „голем простор“ за напаѓачот и би можело да има тактички влијанија. Доколку биде одобрена на состанокот на ИФАБ, идејата треба од април да се тестира во канадската Премиер-лига. Н.М.