Фото: Маја Јаневска Илиева

Премиерот Христијан Мицкоски очекува новиот државен јавен обвинител, кој треба да биде избран наскоро, да биде заштитник на правото и правдата, како и сите предмети кои биле држени во фиоки да ги истражи и ако нема докази да ги затвори, а доколку има да оформи предмети и да ги достави до судот.

-Првото нешто што треба да го направи е сите документи и случаи што се држеа во фиока да ги извади и да ги истражи. Таму каде што нема дело и докази, да ги затвори, а каде што има дело и докази, да формира предмет и да го достави до судот. Потоа судот треба да одлучува дали да или нема да почне судска постапка. Очекувам тој да биде заштитник на правото, да биде генератор на правда и правдина – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по полагањето цвеќена гробот на Гоце Делчев по повод 154-годишнината од неговото раѓање.

Владата вчера на седница донела заклучок во однос на петте кандидати за јавен обвинител и во согласност со законските одредби ќе ги достави до Советот на јавните обвинители.

Собранието ја информирало Владата за завршување на огласот за јавен обвинител. Ја доставило листата со петте кандидати. Владата донела заклучок во согласност со законските одредби што ѝ стојат на располагање да ги достави до Советот на јавните обвинители, кој има рок од 15 дена да ѝ одговори на Владата, односно да испрати мислење.

По завршувањето на сите формално правни состојби, следните денови ќе биде доставена до Советот за јавните обвинители.

Од собраниската прес-служба не ги откриваа имињата на кандидатите, но како што некои од пријавените и сами потврдија, станува збор за сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата од Кривичниот суд, Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчeвски, и обинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.

На местото на Љупчо Коцевски, кој поднесе неотповиклива оставка во декември лани, дојде обвинителката Тополова-Исајловска како в.д. државен јавен обвинител, која беше единствен кандидат, но не може да биде на позицијата подолго од шест месеци.

Постапката за избор на нов државен јавен обвинител почна со огласот што го распиша Собранието на 12 јануари годинава, со рок за пријавување од 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. Кандидатите мора да имаат непрекинат работен стаж од најмалку 10 години како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.

Според Законот за Јавното обвинителство, добиените кандидатури се препраќаат до Владата. По пријавувањето, Владата бара мислење од Советот на јавните обвинители за сите кандидати. Советот е должен да достави образложени мислења во рок од 15 дена. Доколку Советот не даде позитивно мислење за ниеден од пријавените кандидати, Владата не може да утврди предлог и му предлага на Собранието распишување нов оглас. Со 61 глас од пратениците ќе треба да биде избран новиот државен јавен обвинител.