Фото: Влада

Владата на денешната седница ја усвои програмата за работа за 2026 година, која претставува стратешки, сеопфатен и реформски документ од над 400 страници и јасно ги дефинира приоритетите, динамиката и визијата за развојот на државата во наредниот период, информира на прес-конференција портпаролката Марија Митева.

Програмата, појасни, е структурирана по области коишто ги опфаќаат надлежностите на законодавната, но и на извршната власт, и, според Митева, претставува јасна мапа за реформите што следуваат и кои директно ќе влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните, функционалноста на институциите, но и на европската перспектива на државата.

– Оваа Програма е јасен план со визија, рокови и одговорности. Таа ја отсликува политичката волја на оваа Влада за реформи, стабилност, но и европска иднина и претставува наша силна основа за година во која Владата ќе испорачува резултати – истакна Митева.

Владината програма, како што појасни, предвидува нови современи законски и системски решенија во здравството и образованието, а приоритет се и дигиталната трансформација, реформите во правосудството и јавната администрација, како и програми насочени кон директно подобрување на животниот стандард, во областа на животната средина, здравството, безбедноста, образованието и социјалната заштита.

– Во однос на законодавниот дел или она што подразбираме надлежност на Собранието, фокусот е ставен таму каде што државата има најголема одговорност, здравството и образованието. Предвидени се нови, современи и системски закони кои го уредуваат високото и средното образование, научно-истражувачката дејност, но и педагошката служба, како и унапредување на статусот и професионалниот развој на наставниот кадар. Овие решенија се насочени кон квалитет, достапност и одржливост на образовниот систем, како темел на долгорочниот развој – истакна Митева.

Паралелно, нагласи, Владата силно ја турка и дигиталната трансформација, меѓу другото преку носење на нов Закон за електронска фактура, со кој дигитализацијата на даночните процедури станува клучен столб на даночната реформа. Со ова ќе обезбедиме повеќе ефикасност, повеќе транспарентност, но и помал административен товар за граѓаните и за компаниите.

Висок приоритет, подвлече, останува и реформата на правосудството.

– Во надлежност на Министерството за правда се предвидени измени на Изборниот законик, со целосно инкорпорирање на препораките од меѓународните мисии, како јасен сигнал за посветеноста кон демократски стандарди, фер избори, но и владеење на правото – додаде Митева.

Во однос на реформата на јавната администрација посочи дека се предвидени системски закони за висока раководна служба, унапредување со квалитетот во јавниот сектор и за првпат воспоставување на единствен систем на плати во јавниот сектор.

– Станува збор за решавање на долгогодишен проблем, каде платите се уредуваат фрагментирано, често неусогласено и спротивно на уставни начела. Новото решение носи правичност, транспарентност и најважно, усогласеност со Реформската агенда, поточно со чекор 18 – рече Митева.

Во делот на актите и материјалите по кои одлучува Владата, информира дека се  предвидени низа програми коишто се насочени кон директно подобрување на животниот стандард, во областа на животната средина, здравството, безбедноста, образованието и социјалната заштита.

– За 2026 година е планиран Оперативен план за активни мерки за вработување, усогласен со реалните потреби на пазарот на трудот, со цел зголемување на опфатот на невработени лица и поефикасна интеграција на ранливи категории. Во економски и промотивен контекст, се отвора ново поглавје преку национално брендирање на туризмот, економијата и државата, под еден јасен, препознатлив и современ имиџ. Ова е силна можност Македонија стратешки да се позиционира пред европската јавност како атрактивна туристичка дестинација и стабилна, отворена економија со сериозен инвестиционен потенцијал – рече владината портпаролка.

Во делот на здравството, додаде, ресорното Министерство иницира подготовка на Стратегија за млади лекари 2026–2030, нешто што има јасна цел, а тоа е задржување, мотивирање и професионален развој на медицинскиот кадар.

– Свесни сме дека во време на недостиг и одлив на здравствени работници, оваа стратегија ќе воспостави системска поддршка, менторство, но и континуирана едукација, што долгорочно ќе значи посилен и постабилен здравствен систем – изјави Митева.

Напомена и дека за прв пат ќе се воспостави Центар за дигитални вештини во јавната администрација, клучен инструмент за дигитална трансформација на државата. Програмите ќе бидат наменети за сите структури, од раководни, носители на одлуки и сајбер експерти, но и за целокупниот административен кадар затоа што дигитализацијата не е проект, туку за нас претставува еден долгорочен процес.