Репортажа

  • Не е важно од каде ќе ја започнете прошетката. Но, еве, ние предлагаме обиколката да тргне од кај Мостот на змејовите, именуван по бакарните зелени змејови, кои се симбол на Љубљана

Љубљана, главниот град на Словенија, е една од најмалите европски престолнини, која можете многу лесно и брзо да ја прошетате, да се запознаете со убавините на градот, а потоа да уживате во богата понуда од настани, кои се случуваат низ целата година. Особено е живо околу божиќните и новогодишните празници, кога во голем број доаѓаат туристи да уживаат во градот во кој тече реката Љубљаница.
Во Љубљана има што да се види, од интересна архитектура, дворец од кој се гледа целиот град, да се чуе легендата за змејот и многубројни ресторани и кафулиња и понуда за сечиј џеб. Како главен политички, административен, образовен и културен центар на Словенија, тој е еден од најинтересните градови што плени во секоја смисла, за сите што сакаат активна и возбудлива прошетка и за тие што сакаат добри ресторани и богата културна сцена. Не е многу голем, па затоа центарот на градот може да се прошета за неколку часа.
Не е важно од каде ќе ја започнете прошетката. Но, еве, ние предлагаме обиколката да тргне од кај Мостот на змејовите, именуван по бакарните зелени змејови, кои се симбол на Љубљана. Сѐ започнало од легендата за Јасон, од грчката митологија, кој го украл златното руно од кралот Ејет. Притоа побегнал стигнувајќи до реката Љубљаница. Тука го пронашол змејот што живеел на езерото, со кој се борел и го победил. Затоа змејот е заштитник на градот. Оттука упатете се кон Месарскиот мост, каде што ќе ги забележите катанците што се поставуваат на оградата и трите скулптури – Адам и Ева, Сатир и Прометеј. Месарскиот мост е точка од каде што започнуваат да пловат бротчињата по реката. Во близината е Крековиот плоштад, а оттука се стигнува до жичницата со која можете да се искачите до дворецот, кој е главна туристичка атракција и од каде што ќе имате величествен поглед на градот. Можете да разгледате неколку кули, капелата, музејот и да уживате пиејќи кафе со поглед на Љубљана. Патот води кон катедралата „Св. Никола“, позната како градска катедрала од 18 век, не многу голема, но интересна, со две кули и врата на која е овековечена историјата на градот. Потоа посетете ја градската куќа и преминете преку Тримостовјето, што во суштина се три поврзани моста што водат до Прешерновиот плоштад. Сите три моста се пешачки, а ги изградил Јозе Плечник, кој оставил силен печат во градот со изградбата на повеќе објекти, како што се библиотеката, пазарот, како и неколку други згради и паркови.


Прешерновиот плоштад е главен, именуван по најголемиот словенечки поет Франц Прешерн. Тој е една од најважните точки на градот. На еден дел е изградена барокната црква „Света Марија“, а на другиот дел се наоѓа споменикот посветен на Прешерн. На плоштадот се наоѓа и модерна инсталација, која привлекува голем број туристи. На Прешерновиот плоштад и по должината на реката навистина е живо за време на празниците, убаво украсено, со пријатна и топла атмосфера. Посетителите можат да се напијат греено вино, да вкусат печени костени и да купат многубројни сувенири…
Убаво е да се посетат Националната галерија, паркот „Тиволи“, Музејот на современата уметност. Едно од поинтересните места е Метелковата улица, каде што се одржуваат живи свирки, се организираат изложби, перформанси. Едноставно тука ќе ја видите целата алтернатива на богатата културна понуда.
Прошетајте низ Плоштадот на Републиката, а задолжително, ако имате време, појдете да ја разгледате библиотеката, формирана од царицата Марија Терезија во 18 век, која е извонреден објект со над 2,5 милиони книги. Низ Љубљана можете да ги посетите и повеќето театри, галерии и најстарата филхармонија. Ако се одлучите за посета на овој град во пролетните или во летните месеци, ќе можете да се забавувате со многубројните фестивали. Затоа се вели дека културата е љубљански начин на живот. И кога ќе завршите со разгледувањето, седнете во некои од одличните ресторани во центарот на градот, вкусете словенечки специјалитети и облажете се задолжително со Прешерновите топки. Така, посетата на Љубљана ќе ви остане во длабоко сеќавање.