Дали навистина Брисел е изненаден од реакцијата на европските (растегливи) правила?
- Без оглед на исходот од блокадите, чие времетраење беше најавено до крајот на оваа недела, сепак се поставени контурите за идно заедничко регионално дејствување и во други области, односно е воспоставена шема како треба да реагираат и другите стопански сектори ако утре ЕУ им го проблематизира работењето со контрадикторни и неусогласени правила и прописи
Регионалното здружување на камионџиите околу шенгенските правила покажува дека економските притисоци полека создаваат нова форма на соработка на Балканот, наднационална, прагматична, интересна и без идеолошки наратив.
Ангажманот на сите во обидот да се натера Брисел да изнајде решение за професионалните возачи е потег за поздравување, особено ако се земе предвид фактот дека здружено се профилираат заедничките барања кон Европската Унија, која колку и да сака да ги игнорира ваквите барања, на крајот ќе мора да седне со засегнатите страни и да понуди некакво решение.
Особено е за поздравување што овие регионални активности се координирани на три нивоа, почнувајќи од основното деловно ниво, потоа се префрлаат и на гранково ниво, односно регионалните комори, а се финализираат преку институционално ниво, или ангажманот на премиери и претседатели на држави, кои бараат од ЕУ решенија за настанатиот проблем со дозволите на професионалните возачи.
Во принцип, блокадите на границите сега се артикулација на општото незадоволство на возачите од земјите од регионот, но охрабрува тоа што одговорот е наднационален, координиран и пред надлежните во Брисел се говори со еден глас.
Поставени контурите на идното заедничко регионално дејствување
Без оглед на исходот од блокадите, чие времетраење беше најавено до крајот на оваа недела, сепак се поставени контурите за идно заедничко регионално дејствување и во други области, односно е воспоставена шема како треба да реагираат и другите стопански сектори ако утре ЕУ им го проблематизира работењето со контрадикторни и неусогласени правила и прописи.
Деновиве и повеќето аналитичари во регионот го истакнуваат токму овој координиран настап на сите засегнати чинители од регионот кон Брисел, особено истакнувајќи дека тој може да биде урнек за идни соработки и заеднички настапи и во многу други области.
– Денес повод се дозволите за престој и административните бариери, но утре истата мрежа може да се активира околу зелените регулативи, транзитните такси или дигиталните дозволи што доаѓаат од Брисел. Во услови кога земјите од регионот немаат формално место на масата каде што се носат одлуките, ваквата координација станува алатка за колективен притисок, порака дека европските политики имаат регионални последици и дека тие повеќе не можат да се третираат изолирано, ниту тивко да се апсорбираат – порачуваат аналитичарите.
Според нив, суштината е дека оваа соработка може да стане пробен модел за регионално самоорганизирање, каде што економските интереси ја надминуваат политиката.
– Ако денес камионџиите од регионот се здружуваат околу правилата за влез во шенген, утре ваквата регионална соработка може да прерасне во заеднички притисок врз ЕУ-институциите, координирани блокади, заеднички барања и јасна регионална платформа, која потешко се игнорира отколку изолирани протести по држави. Потоа, овој урнек може да се искористи и за усогласување на транспортните стандарди во регионот, од дозволи и тахографи, до услови за работа и минимални надоместоци, што би ја намалило нерамноправната конкуренција меѓу превозниците. Овој модел може да воспостави и регионален одговор на еднострани европски мерки, односно секогаш кога новите правила ќе ги погодуваат земјите надвор од ЕУ, регионот може да настапи како блок наместо секој да се снаоѓа сам. Истовремено, преку ваквиот пристап ќе се врши и притисок врз сопствените влади да се координираат со другите влади и преку поактивна дипломатија кон Брисел да се бараат побрзи билатерални решенија за транзит, визи и за работни дозволи. Несомнено, оваа шема на здружување треба да го следат и другите сектори, поточно земјоделците, логистиката, малите извозници, каде што истите регулативи создаваат трошоци и бариери – објаснуваат аналитичарите.
Потенцијални сектори каде што ЕУ ќе наметне нови правила за регионот
Проактивно спротивставување на ригидните непринципиелни политики на Брисел
Зошто е потребно овој модел на регионално здружување да се користи и во иднина говори фактот што ЕУ во следниот период ќе инсистира на примена на нови правила во многу други сектори.
– Следно на удар ќе биде земјоделството. Зелената агенда, пестицидите, следливоста на храната и јаглеродниот отпечаток ќе ги погодат малите производители од регионот. Усогласен настап би можел да се насочи кон признавање на регионалните стандарди и финансиска поддршка за приспособување наместо еднострано наметнати обврски. Потоа ќе следуваат енергетиката и обновливите извори. ЕУ ги проширува правилата за тргување со емисии и за јаглеродни давачки на граница. За регионот, тоа значи повисоки трошоци и ризик од енергетска неконкурентност. Заедничкиот настап може да бара пристап до европските фондови и флексибилни рокови. Нема да биде одминат ниту дигиталниот сектор. Регулативите за заштита на податоци, вештачка интелигенција и сајбер-безбедност ќе се применуваат и врз компании од регионот што работат со ЕУ. Регионална координација би можела да бара учество во регулаторните тела, а не само пасивно прифаќање на правилата. На крајот, засегнат ќе биде и секторот туризам и мобилност на работната сила. Новите системи за влез, биометриски контроли и ограничувања за престој директно ги погодуваат сезонскиот труд и туристичките текови. Заеднички настап би можел да обезбеди олеснет режим за граѓаните од регионот – говорат процените на аналитичарите.
Нивно мислење е дека единствено одржливо решение е брз прием на земјите од регионот во ЕУ.
– Колку повеќе ЕУ ги проширува своите политики надвор од формалните граници, толку појасно станува дека регионот живее во сива зона – обврзан со правила, а исклучен од одлучувањето. Затоа, проблемот тешко дека може трајно да се реши со ад-хок изземања и протести. Реалното решение е некаква форма на членство – ако не полноправно, тогаш постепено и ограничено, со пристап до пазарот, фондовите и институциите. Во спротивно, Брисел ќе продолжи да ја извезува регулативата, а регионот да ја плаќа цената без политичка тежина – заклучуваат повеќето аналитичари. С.Т.
































