СКИЈАЊЕ – ФИС-ТРКА ВО АВСТРИЈА
- Овој настап доаѓа како дел од нејзините подготовки пред настапот на ЗОИ во Милано Кортина годинава (6-22 февруари)
Македонската алпска скијачка Јана Атанасовска (19) во австриското место Телфс, предводена од нејзиниот тренер Александар Атанасовски, имаше одличен настап на ФИС-трките во слалом. Атанасовска во првата трка го освои четвртото место и ги подобри своите ФИС-поени на 26,41, што претставува нејзин најдобар личен резултат, а наедно и најдобар македонски женски резултат во дисциплината слалом, информира Скијачката федерација на македонија (СФМ).
Во втората слаломска трка истиот ден, Атанасовска го освои шестото место со 30,78 ФИС-поени, потврдувајќи ги уште еднаш својата стабилна форма и континуиран напредок во силната меѓународна конкуренција. Овој настап доаѓа како дел од нејзините подготовки пред настапот на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано Кортина годинава (6-22 февруари), што дополнително ја нагласува важноста на постигнатите резултати. Г.И.
































