Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија премиерно ќе го изведе вокално-инструменталното дело „Вооружениот човек“ (миса за мир) од британскиот композитор Карл Џенкинс. Диригент е Сашо Татарчевски, настапува и хорот „Про арс“, а како солисти ќе ги чуеме Мартина Георгиевска, Ана Ценевска Мучева, Емили Христоска, Исабела Димовска, Дејан Симоски, Мартин Блажевски и Месут Куртис.
„Вооружениот човек: Миса за мир“ на Карл Џенкинс ја надминува традиционалната католичка миса, комбинирајќи духовност, историја и универзална порака за мир. Напишана по повод милениумот и преселбата на Кралската оружарница од Лондон во Лидс, делото е посветено на жртвите од косовскиот конфликт и симболично го третира „највоениот и најразорен век во човечката историја“. Мисата е нарачана од Музејот на Кралската оружарница и претставува антивоена рефлексија, која ја користи класичната католичка миса како рамка, но ја дополнува со текстови и мотиви од различни култури, религии и историски извори. Либретото вклучува традиционални латински текстови (Kyrie, Sanctus, Agnus Dei, Benedictus), муслимански повик на молитва (Adhan), библиски текстови (Псалмите и Откровението), Махабхарата, како и стихови од Радјард Киплинг, Алфред Лорд Тенисон и Санкичи Тоге. Секој елемент внимателно е избран за да ја илустрира универзалната димензија на страдањето, надежта и човечката солидарност. Мисата го следи развојот на војната: од првата закана, преку ужасот и страдањето, до моменти на тишина, контемплација и крајната порака за мир.
Сашо Татарчевски е најактивниот и најнаградуван македонски диригент, кој речиси три децении интензивно работи на македонската музичка сцена. Дипломирал и магистрирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Факултетот за музичка уметност – Скопје во класите на диригентите Фимчо Муратовски, Драган Шуплевски и Саша Николовски-Ѓумар. Посетувал мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и во Санкт Петербург, кај реномирани диригенти како Хелмут Рилинг, Михаел Јуровски, Франческо Каротенуто, Марк Горенштајн, Александар Полјаничко и Сајмон Керингтон. Настапувал со голем број ансамбли во земјава и во странство, вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Македонската опера и балет, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж, Младинскиот оркестар на Санкт Петербург и Симфонискиот оркестар на ФМУ. Со темелна работа и посветеност на развојот на македонската музичка сцена, поставил голем број први изведби и иновативни концертни програми со Битолската опера, Камерниот оркестар на Битола, камерните ансамбли „Алеа“ и „КонТемпора“, како и со повеќе хорски ансамбли. Како диригент на симфониски концерти соработувал со голем број домашни и странски солисти, меѓу кои и светски познати имиња како Јеол Еум Сон, Марк Бучков, Емануел Сејсон, Пабло Бараган, Ајман Мусахоџаева и Симон Трпчески.
Професионалниот хор „Про арс“ во 2026 година одбележува значаен јубилеј – 15 години од основањето. Ансамблот е формиран во 2011 година од диригентот Сашо Татарчевски, кој, по долгогодишно активно присуство во хорската уметност и внимателна анализа на домашната музичка сцена, ја препозна потребата од професионален вокален ансамбл што со висок квалитет, посветеност и уметничка одговорност ќе одговори на современите музички предизвици во Македонија.