СКИЈАЊЕ
- Американката својот прв слаломски глобус го освои на 18 години, во март 2013, а претпоследниот пред две години. Лани таа беше на чело на табелата, но потоа пропушти два месеца од трките по несреќа во велеслалом
Американската скијачка Микаела Шифрин ја завери титулата во слалом сезонава, а на Зимските олимписките игри (ЗОИ) ќе биде првата скијачка во шестдецениската историја на Светскиот куп (СК) со девет титули во една дисциплина (слалом). Можеби наскоро таа ќе мора да го сподели својот рекорд со сонародничката Линдзи Вон (има осум титули во спуст), која моментално е во убедливо водство во нејзината втора сезона по првично пензионирање во 2019 година. Кај мажите, пак, Швеѓанецот Ингемар Стенмарк го има освоено глобусот во слалом осум пати, а Австриецот Марсел Хиршер титулата во генералниот пласман исто така осум пати, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Шифрин доминираше во последниот слалом пред ЗОИ во Милано Кортина, обезбедувајќи го првото место на две трки до крајот. Таа беше побрза за 1,67 секунда од второпласираната Камил Раст од Швајцарија. Победата на Шифрин дојде еден ден откако таа го освои својот прв подиум во велеслалом по две години.
– На ЗОИ е сосема поинаков предизвикот. Имав одлични ЗОИ, имав тешки ЗОИ, се обидувам да влезам со отворен ум, добар дух, верувајќи во мојот тим. Доаѓаме со силни спортисти, па време е да уживаме во тоа – рече Шифрин, која освои злато во слалом во 2014 и злато во велеслалом 2018 година, но не заврши ниту една од своите технички дисциплини во 2022 година, пренесе АП.
Трките изминатиот викенд се одржаа во Чешка, каде што Шифрин дебитираше на Светскиот куп (СК) на 15 години, во март 2011 година.
– Едноставно прекрасно е да се биде тука. Се чувствувам како кога имав 15 години, не знам, едноставно сакам да скијам. Тоа е најдоброто чувство да се биде тука – рече Шифрин.
Освојувањето на слаломскиот глобус и поставувањето уште еден рекорд не ѝ беа на ум за време на трката.
– Всушност, денес е тешко да се размислува за тоа, оти имаше толку многу за размислување на патеката. Па, сега е како убаво изненадување – рече Шифрин, пренесе АП.
Шифрин го освои својот прв слаломски глобус на 18 години, во март 2013, а претпоследниот пред две години. Лани таа беше на чело на табелата, но потоа пропушти два месеца од трките по несреќа во велеслалом, а Зринка Љутиќ од Хрватска ја освои титулата.
Шифрин има 71 победа во досегашната кариера во слалом и 108 вкупно во СК, што е рекорд и во машка и во женска конкуренција. Американката Линдзи Вон има осум титули во спуст. Седумте победи на Шифрин од осум слалома ѝ даваат непремостлива предност од 288 поени пред второпласираната Раст во пласманот сезонава. Раст триумфираше во единствениот слалом што Шифрин не го освои сезонава, во Словенија пред три недели. СК за жени продолжува во Кран-Монтана со спуст и суперџи следниот викенд, последните трки пред ЗОИ 2026. Во пласманот во слалом, Шифрин има 780 поени, Раст 492 и Венди Холденер од Швајцарија 358 поени. Во вкупниот пласман во СК, пак, Шифрин е прва со 1.133 поени, пред Раст со 963 и Германката Ајхер со 684, пишува АП. Г.И.
































