• Низ досетливи куси драмски текстови, писателот Владо Димовски, во соработка со „Колибри“, преку рубриката „Кажи ми да ти кажам“, на децата им ја доближува македонската фразеологија, а истовремено ја поттикнува и драмската сцена во училиштата и надвор од нив. Нашата радост ќе биде голема ако поставите на сцена некоја од овие драмски минијатури и ако го споделите тоа со нас

Време дрва продава
(Личниот и Личната се дотерале како да се излезени од некој бутик)
Личниот: Лична!
Личната: Кажи!
Личниот: Пред некој ден го среќавам оној златарот, оној шегаџијата… Како се викаше…
Личната: Никола…
Личниот: … Никола, Коле.
Личната: Е, што, тој?
Личниот: Станал пензионер.
Личната: Се пензионирал?!
Личниот: Го прашувам, како е, што е, ти реков ми рeче… Нешто низ заби ми кажа и… Многу остарел, сменет ми е човекот…
Личната: Никола, сменет?!… Не ми се верува!
Личниот: Да го расположам почнав да му кажувам шеги, го потсетив и на една што ми ја кажуваше тој… ништо.
Личната: Времето ги менува луѓето.
Личниот: Што ти е, му велам. Ја стресе главата и ми вели: „Време дрва продава“. Времето продавало дрва?!… А, си реков, овој…
Личната: Време дрва продава?!… Не ми се верува… Никола златарот до кај стигнал!
(Невенче облечена во народна носија, насмеана до уши…)
Невена:
Личниот и Личната денеска сте ми некако… ми заличивте на вистински артисти. Сега да ви го откријам значењето на фразата „Време дрва продава“. Оваа фраза ни кажува дека сѐ си доаѓа во свое време, си доаѓа со староста. Како што старееме, како што поминува времето, така се менуваме. Младоста е едно, средните години друго, староста трето. А, ние, почитувани, ништо не ви продаваме, туку учиме како да ја почитуваме нашата фразеологија.


За авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца, автор на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Публиката најмногу го памети како сценарист на култната тeлевизиска серија за деца „Умни глави“, со која растеа многу генерации. На страниците на „Колибри“ е актуелен со новата рубрика „Кажи ми да ти кажам“, која често ќе ја читате во вашиот омилен додаток за деца и преку неа ќе ги осознавате тајните на македонската фразеологија. Неодамна од печат излезе неговата книга „Мали приказни за големи сонувачи“, со која авторот одбележува 45 години творештво. Истата таа е во конкуренција за наградата за најдобра книга за деца „Ванчо Николески“, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија. Книгата може да се најде во книжарниците на „Литература.мк“.