Организаторите на фестивалот „Сакам да бидам дете“ од градот Крагуевац, Србија, го распишаа меѓународниот конкурс за лични поетски и прозни творби за учениците од основните и од средните училишта.
Од областа на поезијата, темата за учениците од второ до петто одделение е „Моето село“, а учениците од шесто до деветто одделение треба да творат на темата „Љубовта може да нѐ спаси“. За средношколците, пак, темата гласи „Пркосно велам“.
Од областа на прозата, право да испратат творби имаат само учениците од шесто до деветто одделение, на темата „Што свети во мракот“.
Творбите мора да бидат самостојни детски остварувања.
Не е дозволено користење вештачка интелигенција. На конкурсот е дозволено учество со една творба. Секој ученик може да испрати една песна или еден прозен текст.
Песната може да има најмногу 32 стиха, а прозниот текст не повеќе од две страници А4-формат.
Творбите да бидат напишани на кирилично писмо во ворд-документ, со големина на буквите 12, фонт Тајмс њу роман, со податоци за авторот, одделението, училиштето и менторот (обврзно да се напише телефон за контакт).
Творбите да се испратат најдоцна до 15 јуни 2026 година, на е-адресата: [email protected]
Фестивалот „Сакам да бидам дете“ ќе се одржи во Крагуевац, Србија, во втората половина на септември во 2026 година.