Фото: МИА

Со 81 глас „за“ и 19 „против“ и без воздржани Собранието денеска го изгласа Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка. Со ова, од 1 февруари се отвора патот за старт на системот за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“. По барање на координаторката на „Европски фронт“, Рина Ајдари, гласањето беше поединечно. За усвојување на законските измени беше потребно двотретинско мнозинство од пратениците.

Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање. Брзото и ефикасно санкционирање на прекршителите и изрекување санкции, се очекува да влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот.

Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов истакна дека неговата партија ќе го поддржи Предлог-законот за прекршоци, затоа што, како што рече, ценат дека овој закон ќе спасува човечки животи.

-Законот не е совршен и има многу работи кои ќе треба да се менуваат и ние очекуваме, такви беа најавите, дека овој закон ќе се менува во од како што ќе тече неговата примена. Ние планираме да се вклучиме во тој процес, посебно да се вклучиме во делот околу казнувањето. Ние сметаме дека треба да има скалесто казнување. Тоа значи дека секој треба да плаќа спрема нивните примања. Не може еден човек во Република Македонија кој зема плата 500 евра да плаќа иста казна за ист прекршок човек кој зема плата и по 50 илјади евра, бидејќи имаме и такви. Тоа ќе биде едно од нашите главни барања и очекуваме поддршка од парламентарното мнозинство – рече Крмов.

Ријад Шаќири, пратеник на Алијанса за Албанците на Арбен Таравари истакна дека тие нема да дадат поддршка за законот и оти до Уставен суд ќе поднесат барање за неговата уставност.

– Како пратеници на Алијанса за Албанците, ние го даваме ставот дека ќе гласаме против, ќе бидеме против овој закон, и ќе поднесеме барање до Уставниот суд за уставноста на овој закон. Ние јавно докажуваме дека сме за сигурноста и безбедноста на граѓаните, но не смее да помине на овој формат,бидејќи овој закон не е сеопфатен во синхронизација со Уставот на нашата држава и со членот 9 на Уставот, со што овој закон се планира да се применува само во три градови Куманово, Скопје и Тетово. Со овој закон, ние ги дискриминираме и нашите граѓани и правиме неправда за овие граѓани кои се на овие градови. Затоа, јас би сакал и Собранието и присуството на пратениците што се денеска тука уште еднаш да го разгледат овој закон, бидејќи овој закон пред се не само што не е во синхронизација со Уставот на нашата држава и не ги гарантира и еднаквоста но влегува и во приватноста на граѓаните кое е право на секој граѓанин. Затоа со овој закон на институцијата на МВР му даваме една голема надлежност кој тие луѓе нема да ги злоупотребуваат тие снимки од камерите на „Безбеден град – рече Шаќири.

Рина Ајдари, координаторка на пратеничката група на „Европски фронт“ нагласи дека нивната коалиција ќе гласа според нивното убедување и оти немаат верба дека ветувањата што ги добиле за уредување и изменување на некои прашања во законот нема да се остваруваат.

-Ние не можеме да гласаме против волјата на граѓаните. Вистина е дека седнавме со координаторите на пратеничките групи , која задача произлезе од средбата на лидерите и ние ги разгледавме и ги решивме техничките прашања. Добивме гаранција, меѓутоа сметам дека како пратеничка група не се доволно тие образложенија, бидејќи истите не се спроведуваат во законот. Ќе биде тешко сите забелешки и вознемирувања да се уредат со постапките кои ќе следат. И на прес-конференцијата организирана од Европски фронт, ние бевме јасни дека законот е противуставен и тоа го искажавме јасно. Извештаите за прекршување стигнуваат на албански јазик и стравуваме дека има уште многу работа за усогласување на сообраќајните знаци со овој закон. По една и пол година, ние добиваме ветувања, но гледаме дека ниту едно ветување не се остварува.  Ние гласаме според нашето убедување и убедувањето на граѓаните. Реално немаме верба дека ќе се направат измени во иднина – потенцира Ајдари.

Илире Даути, пратеничка на Алијанса за Албанците на Зијадин Села истакна дека не се за, како што рече, вакви закони кои не се сеопфатни и противуставни.

-Со изгласување на овој закон кој опфаќа само три градови а не целата територија на Република Македонија, вие колеги станувате дел од прекршување на Уставот во однос на член 9.  Една работа треба да ни биде јасна – ние јасно кажавме дека никој не е против безбедноста на граѓаните почнувајќи од безбедноста во сообраќајот и сите други безбедности. Но, ние сме против тоа да се прави поделба на овој важен сегмент на безбедност оставајќи ги необезбедени граѓаните од другите градови на ниво на Републикат – рече Даути.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски нагласи дека ќе гласат против законот затоа што, како што рече, погрешно се претставува во јавноста дека овие законски измени се за „Безбеден град“.

– Ова не е закон за „Безбеден град“. Овој закон е за казните кои ќе ги предизвикува системот „Безбеден град“. Во однос на ова прашање, сакам да укажам на две клучни работи, а тоа е сето она што ќе се прибере како податок од камерите на „Безбеден град“ нејасно е во јавноста како и на кој начин ќе се чува и може ли да се злоупотребува. Ова го кажувам заради тоа што коалициските партнери во Владата имаат сериозно негативно искуство во однос на злоупотребите на правата на човекот и граѓанинот во изминатиот период и како сомнеж е реално да се очекува. Второ, за мене исто така неприфатливо е собирањето на мејл адреси и собирањето на телефонските броеви на сите сопственици на патнички возила, правење на една таква база која исто така може да се злоупотребува, е еден сериозен проблем – рече Спасовски.

Тој истакна дека требало многу посеопфатно да се пристапи кон целиот овој концепт на функционирање на „Сејф сити“ и оти требаше најмалку шест месеци да имаме пробен период и тест период во кој би се отстраниле сите недостатоци.

– За да бидат сите недостатоци да се отстранат ќе биде потребно на многу места да се донесат нови сообраќајни елаборати кои се во надлежности на Единиците на локалната самоуправа и на Градот Скопје. Имајќи ги во предвид ставовите кои ги истакнаа политичките партии, лидерската средба очигледно дека нема ефект – рече Спасовски.

Со овој Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците се предвидува можност за примена на новите технологии (систем за детектирање преку технички средства и уреди за снимање), кои може да бидат добра алатка за брзо и ефикасно детектирање на сообраќајните прекршоци и спроведување на процесот на нивно санкционирање.

Во првата фаза системот ќе регистрира прекршоци како: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци.

Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе може да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.