Фото: Влада

Јавното здравје пред комерцијалниот интерес – забрана за рекламирање и промоција на тутунски производи, се наведува во денешното соопштение на Министерството за здравство.

Новиот предлог-закон за заштита од пушење, како што се посочува во соопштението, предвидува целосна забрана за рекламирање, промоции и спонзорства од тутунската индустрија. Овие законски одредби, како што се појаснува, се однесуваат на објави во медиумите, на интернет и на социјалните мрежи, како и на настани, наградни игри, попусти, подароци.

– Лесната достапност и видливоста на производите го зголемуваат бројот на нови корисници, особено меѓу децата и младите, а намалувањето на видливоста е една од најефикасните мерки за превенција. Заштитата на децата е апсолутен приоритет – оценува министерот за здравство Азир Алиу во пишаната изјава.

Дополнително, покрај забраната за продажба на малолетни лица, не само на класични цигари, како што се нагласува во соопштението, туку и на сите други никотински производи, со воведува и забрана за јавно изложување тутунски и никотински производи на продажни места, како и за продажба на тутунски и никотински производи во угостителски објекти, спортски и културни објекти и јавни настани.

– Рекламирањето директно влијае врз почнувањето со пушење, особено кај младите. Со овие законски одредби се превенираат прикриените форми на промоција на овие производи. Јавното здравје има предност пред комерцијалниот интерес – појаснува министерот Алиу.