Фото: Пиксабеј / Илустрација

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги преку соопштение денеска изразува загриженост за континуираните етикетирања и јавни напади од страна на политичката партија СДСМ, насочени кон одделни новинари и медиуми.

Агенцијата потсетува дека слободата на изразување, медиумскиот плурализам и уредувачката независност се темелни демократски вредности.

-Јавната комуникација, особено кога доаѓа од политички субјекти, мора да биде одговорна и да ја почитува улогата и автономијата на медиумите. Јавното дискредитирање или етикетирање на новинари и медиуми создава атмосфера на притисок, го поткопува јавниот дијалог и може директно да влијае врз безбедноста и професионалниот интегритет на новинарите. Медиумите не смеат да бидат третирани како политички противници, ниту да бидат вовлекувани во партиски или политички конфронтации. Напротив, тие треба да имаат можност непречено, слободно и без притисоци да ја извршуваат својата професионална улога, во интерес на јавноста и демократските процеси – се вели во реакцијата на АВМУ.

Агенцијата ги повикува сите политички субјекти да се воздржат од реторика која придонесува за поларизација, притисок или дискредитација на медиумите и новинарите и да ја почитуваат нивната уставна и професионална улога во демократското општество.