
Во работилницата за санки на семејството Тана во Крушево
- Мојот дедо, по кого сум крстен, беше дограмаџија и педесет години се занимаваше со тој занает. Пред повеќе од четврт век, забележал дека има интерес за санки и почнал да ги изработува. Почнал со десетина санки годишно. Потоа продолжи мојот татко Тошо, а денес заедно со него изработуваме и по 300 санки годишно, вели Тома Тана
Иако денес ги користиме за забава и за уживање во снежните игри, санките во минатото се користеле за превоз на луѓе и патници, односно биле средства за транспорт низ густиот снег во Сибир, Скандинавија и на Арктикот. Се смета дека првобитната форма на санките датира уште од пред 5.000 години.
Дрвените санки се незаменлива зимска играчка за децата!
Највисокиот град на Балканот, нашето сакано Крушево, секогаш мами со природните и историските знаменитости што ги нуди, но сигурни сме дека ќе се согласите – Крушево е најубаво во зима.
Во овој мал но значен град, зимата има посебна магија поради празниците, но и поради местоположбата и условите за зимски спортови и уживање во снегот. Кога помислуваме на зима, секако помислуваме на Нова година, елки, украси, подароци, снешковци, Дедо Мраз, но и на санки.
Овој пат во Крушево ја посетивме работилницата за санки на семејството Тана. Нѐ пречекаа нашиот домаќин Тома и неговите родители. Тој ни раскажа како почнала приказната што трае веќе 26 години и која се развива низ три генерации.
– Мојот дедо, по кого сум крстен, беше дограмаџија и педесет години се занимаваше со тој занает. Пред повеќе од четврт век, забележал дека има интерес за санки и почнал да ги изработува. Почнал со десетина санки годишно. Потоа продолжи мојот татко Тошо, а денес заедно со него изработуваме и по 300 санки годишно – со гордост раскажува Тома Тана.
Моделот на санката што го изработил дедо Тома пред 26 години нема претрпено значителни промени.
Дрвените санки се особено ценети и барани поради тоа што, за разлика од металните, овие не прават оштетување на патеките за скијање. Тома ни раскажа дека за изработка се користи буково дрво, кое најчесто се обезбедува од богатата крушевска шума.
Секоја санка е производ на време, труд и на љубов!
– Не може да се определи точно време што е потребно за да се изработи една санка бидејќи деловите се изработуваат во текот на целата година. Штом ќе заврши зимата, ние веднаш почнуваме со изработка на делови за идната сезона. Во октомври почнуваме со склопување и со фарбање за да бидеме подготвени навреме – објаснува мајсторот Тома.
Секоја санка има 17 дела. Се изработуваат санки во две големини. Станува збор исклучиво за рачна изработка, при која од сурово дрво, низ многу постапки, треба да се дојде до крајниот производ.
– Најтежок дел од процесот на изработка е виткањето на дрвото за да се направи праг на санката. По некое правило, колку што е дебело дрвото, толку години треба да се суши. На пример, ако дебелината е пет сантиметри, потребни се пет години за дрвото добро да се исуши и да биде подготвено за обработка – вели Тома Тана.
Според него, иако има промени во временските услови и последниве неколку години има снежни врнежи откако ќе заврши зимскиот распуст за учениците, интересот за санки сѐ уште е голем. Многу родители ги користат викендите за посета на зимските центри каде што децата учат да се санкаат.
Подарок што еднаш се дава, а трае со години
– Има интерес од сите краеви на државава и поради тоа планираме да го зголемиме производството. Барани се затоа што санката е подарок што еднаш се дава, а може да се користи со години. Особено се барани како новогодишен или божиќен подарок – раскажува Тома Тана.
Тој додава дека особено се радосни кога кај нив доаѓаат купувачи со модели купени пред 20 години, а тие санки сѐ уште се употребливи. Со една санка растат неколку генерации деца во едно семејство. Како и на секој занаетчија, особена радост му причинува кога муштериите се постојани и повторно доаѓаат да купат од нивните санки.
За разлика од порано, денес купувачите многу полесно можат да дојдат до нивните производи благодарение на социјалните мрежи. Оваа работилница за санки е единствена во Крушево, а во цела Македонија има само неколку.
Нам ни преостанува на нашиот домаќин да му посакаме лесна рака и да си посакаме повеќе снег за поголемо уживање во зимата.
Седум занимливости за санките и за санкањето!
1. Во античкиот период, Старите Египќани користеле слични конструкции за влечење тешки камени блокови по песок (со навлажнување за полесно лизгање)
2. Во средниот век, санките биле клучно превозно средство во Скандинавија, Русија и во алпските региони. Се користеле за превоз на дрва, храна, луѓе и пошта. Често биле влечени од коњи, кучиња или од ирваси.
3. Во 17 и 18 век, санките добиваат рекреативна улога. Во Швајцарија и во Германија санкањето почнува да станува зимска забава. Тогаш се појавуваат првите санки наменети за деца.
4. Во 19 век, санкањето станува организиран спорт и се појавуваат дисциплините луџ, боб и скелетон.
5. Денес санките се користат и за забава и за спортување, но во некои земји сѐ уште се главно превозно средство. Освен од дрво, се изработуваат и од други материјали, како пластика, алуминиум, челик и композитни материјали.
6. Во 1913 година е основана првата организација за санкање, а подоцна е формирана Меѓународната федерација за санкање, која и денес ги регулира натпреварите.
7. За најуспешен санкач во историјата се смета Италијанецот Армин Цегелер, единствен што успеал да добие олимписки медали на шест последователни Зимски олимписки игри. Тој има 10 титули од Светскиот куп, повeќекратен светски и европски шампион и активна спортска кариера од 20 години. Затоа е нарекуван кралот на санките.



































