- Македонија мора да воспостави јасен државен минимум, непишан, но обврзувачки договор дека одредени области нема да бидат арена за партиска пресметка. Воздухот, здравјето, образованието, демографијата и инфраструктурата мора да се третираат како заедничка одговорност, со континуитет и со мерливи цели што ќе важат за секоја власт. Истовремено, граѓаните мора да се откажат од улогата на навивачи. Критиката кон сопствената страна не е предавство, туку зрелост. Поддршката на добра мерка, без оглед од каде доаѓа, не е слабост, туку одговорност. Државата не се гради со оправдувања, туку со резултати
Постои една длабока, речиси наследна навика во Македонија што упорно ги надживува сите изборни победи и порази, сите промени на гарнитури и сите свечени ветувања за нов почеток. Таа навика не се учи во партиските школи, но таму најдобро се усовршува, за што сум личен сведок, па дури и виновен за кажаното или премолченото. Таа навика се вика партизираност и функционира како автоматски одговор на секој проблем, без разлика дали станува збор за воздухот што го дишеме, болниците во кои се лекуваме или училиштата во кои ги испраќаме децата.
Загадениот воздух во Скопје е само највидливиот симбол на оваа состојба. Секоја зима истиот смог ја покрива котлината, истите алармантни бројки се појавуваат на мерните станици, истите препораки се повторуваат, а истата политичка расправа се врти во круг. Кога едните се на власт, другите напаѓаат. Кога улогите се менуваат, се менува и наративот. Воздухот останува ист, проблемот останува нерешен, а граѓаните остануваат заложници на политички рефлекси.
Ова не е изолиран случај. Истата шема се повторува и во здравството. Кога ќе се појави недостиг од лекови, долги листи на чекање или трагичен пропуст во болница, реакцијата повторно зависи од тоа што управува со системот во тој момент. Ако е едната партија, вината се бара во наследените проблеми, во комплексноста на системот, во недостигот од кадар. Ако е другата, станува збор за катастрофа, за криминал, за доказ дека државата е во распад. Ретко кога се слуша суштинско прашање, што ќе направиме за пациентот утре да не биде жртва на истата нефункционалност.
Образованието е уште еден пример за истата болест. Учебниците се менуваат со секоја власт, реформите почнуваат и завршуваат со секој мандат, наставниците се оставаат во неизвесност, а учениците стануваат експеримент. Кога реформата доаѓа од едната страна, таа е храбра и неопходна. Кога доаѓа од другата, таа е опасна и штетна. Малкумина се прашуваат дали резултатот навистина е подобро образование или само уште една пропуштена генерација.
Иселувањето, можеби најболната тема, исто така е заробено во партиската матрица. Кога младите и успешните си заминуваат додека едните се на власт, тоа е последица на глобализацијата и отворениот свет. Кога се пак другите на власт, истото заминување станува доказ дека државата е уништена. Малкумина признаваат дека проблемот е подлабок, дека тој трае со децении и дека бара долгорочна стратегија што нема да зависи од изборни календари, програми што никогаш нема да го видат светлото на денот и дневни партиски прес-конференции.
Социјалните мрежи ја засилија оваа состојба до ниво на ужасна бучава. Таму, секој проблем е повод за навивање, секој податок е селективен, секоја трагедија е аргумент ако му штети на противникот. Разумниот тон исчезна, а со него и можноста за заедничка грижа. Наместо граѓани, добивме коментатори, навивачи и крвожедници. Наместо притисок за решенија, добивме борба за лајкови и партиска лојалност.
Во таква атмосфера, државничкото и стратешкото размислување станува реткост. А тоа почнува таму каде што завршува потребата секој проблем да се претвори во оружје. Тоа подразбира способност да се каже дека нешто е лошо, без разлика кој го направил. Подразбира подготвеност да се продолжи со добра политика, дури и ако таа не потекнува од сопствениот табор. Подразбира свест дека постојат теми што мора да бидат над дневната политика, затоа што нивните последици се подолги од секој мандат.
Советот за понатаму не е спектакуларен, но е неопходен. Македонија мора да воспостави јасен државен минимум, непишан, но обврзувачки договор дека одредени области нема да бидат арена за партиска пресметка. Воздухот, здравјето, образованието, демографијата и инфраструктурата мора да се третираат како заедничка одговорност, со континуитет и со мерливи цели што ќе важат за секоја власт. Истовремено, граѓаните мора да се откажат од улогата на навивачи. Критиката кон сопствената страна не е предавство, туку зрелост. Поддршката на добра мерка, без оглед од каде доаѓа, не е слабост, туку одговорност. Државата не се гради со оправдувања, туку со резултати.
Ако сакаме да излеземе од таа состојба на постојана поделба, мора да прифатиме една непријатна вистина, дека проблемите не исчезнуваат кога ќе се смени власта, било државна, било локална. Тие или се решаваат или се продлабочуваат. Сѐ друго е скопска зимска магла. И колку побрзо се справиме со маглата, толку побрзо ќе можеме да почнеме да зборуваме за држава што не реагира рефлексно, туку одговорно, и за општество што конечно научило дека има работи поважни од тоа кој е на власт, а тоа е како живееме сите заедно.
Кирил Колемишевски
































