Фото: Приватна архива

Новогодишна традиција во Кавадарци

  • Според Вареловски, годинава неговата куќа ја посетиле околу 600 дечиња, кои добиле пакетчиња. Тој не ги заборави болните дечиња на детското одделение во Кавадаречката болница, а ги посети и ги даруваше крводарителите на последната крводарителна акција на Црвениот крст во Кавадарци. Средствата собрани од хумани граѓани при посетата на неговата куќа ќе ги подари за лекување на малата Симона од Кавадарци

Новогодишната магија отелотворена преку добриот Дедо Мраз, кој на децата им подарува новогодишни пакетчиња и им носи многу радости, во Кавадарци опстојува цели 28 години благодарение на Ѓорѓи Вареловски. Тој секоја година свечено го уредува својот двор и со радост ги пречекува децата облечен како најпознатиот дедо на светот, а многубројните ламбички ја прават атмосферата волшебна. Куќата на Дедо Мраз, како што изминативе 28 години во декeмври го нарекуваат домот на Ѓорѓи, е ширум отворена за сите деца од Кавадарци и другите градови од Македонија, кои организирано го посетуваат и им се радуваат на новогодишните украси.
Според зборовите на Вареловски, годинава неговата куќа ја посетија околу 600 дечиња, кои добија пакетчиња. Но тој и годинава не ги заборави болните дечиња на детското одделение во Кавадаречката болница, потоа ги посети и ги даруваше крводарителите на последната крводарителна акција на Црвениот крст во Кавадарци. Децата од фолклорниот ансамбл „Китка“ од Истибања и годинава беа негови гости. Тие заедно со Дедо Мраз имаа заеднички ручек и ги посетија компанијата „Кожувчанка“ и винарската визба „Тиквеш“, а средбата ја завршија со заедничка фотографија на новогодишно украсениот градски плоштад.

На прашањето до кога ќе трае приказната на кавадаречкиот Дедо Мраз, Вареловски ни одговори дека тоа е негова доживотна определба, сѐ додека може ќе одвојува средства за новогодишни пакетчиња и сѐ додека го служи здравјето ќе го украсува дворот на семејната куќа и ќе ги радува децата. За него нема ништо поубаво од задоволството што му го приредуваат децата на средбите со него и моментите кога им подарува пакетчиња.

Вареловски вели дека откога е Дедо Мраз, побогат е за уште многу нови пријателства и во себе носи прекрасни доживеани човечки приказни, од кои особено многу му значат приказните за семејствата што ги пронаоѓаше со помош на Центарот за социјални работи на Кавадарци. Ним редовно за Божиќ им подаруваше пакети со храна. Годинава се определи свои средства и средствата собрани од хумани граѓани при посетата на неговата куќа да ги подари за лекување на малата Симона од Кавадарци.