Фото: Фонд за здравство

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) и Природно-математичкиот факултет (ПМФ) денеска склучија договор со кој лабораторијата за молекуларна биологија и геномика при ПМФ ќе започне со изведување напредни молекуларно-дијагностички анализи, пред сè, преку примена на генски панели за таргетирано, масивно паралелно секвенционирање од новата генерација (NGS) кај различни онколошки состојби. Со ова, најсовремените молекуларно-дијагностички процедури, вклучувајќи ги и генетските анализи за онколошки заболувања, стануваат достапни за осигурениците на товар на Фондот.

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски истакна дека договорот има две клучни цели: зголемување на капацитетите за онколошки анализи со цел намалување на времето на чекање за пациентите и овозможување на апликативна дејност за идните генетичари кои се образуваат на ПМФ.

– Оваа лабораторијата за молекуларна биологија и геномика е една од најсовремените не само во Македонија туку и во регионот. Со овој договор сакавме да постигнеме две цели. Првата цел е да го подобриме капацитетот за онколошки анализи. Значи примарната цел на договорот е тука да се прават генетските анализи за онколошки болни. Втората цел што сакаме да ја постигнеме е оваа установа да добие можност и за апликативна работа. Тука се образуваат идните генетичари за сите лаборатории низ Македонија и сметавме дека добро е уште во фаза на студирање да се има можност и практично да се види како се одвиваат овие активности – рече Клековски.

Sasao Klekovski
Фото: Фонд за здравство

Кога станува збор за услугите, појасни, тоа ќе бидат од делот на NGS, односно ново генетско секвенционирање. Посочи дека во основа таму пакетите за услуги се во зависност од тоа колку гени се анализираат: пет, десет, 15, 20, над 50 или целиот геном.

– Има различни пакети и сите се во основа NGS генетско анализирање. Во моментот во Македонија имаме договори со повеќе NGS лаборатории. NGS во моментот се работи на МАНУ, каде што претежниот фокус е на ретки болести, се работи на Медицинскиот факултет – Институтот за патологија со претежен фокус на онкологија, на Медицинскиот факултет – Институт за имунологијам каде фокус се имунодефициенции и трансплантации, на Медицинскиот факултет – Институтот за судска медицина со фокус на форензика, на идентификација и сега на ПМФ со фокус во оваа фаза на онкологија. Се работи и на Фармацевтскиот факултет – фокус хематологија. Покрај овие со кои имаме договор, има и приватни лаборатории кои работат NGS, а надвор од медицината NGS работи и Ветеринарниот факултет за сопствени потреби – рече Клековски.

Оваа лабораторија на ПМФ, посочи, треба да послужи како втора лабораторија која ќе ја покрива онкологија, за да обезбедиме и повеќе услуги, меѓутоа и  „бекап“ ако примарната лабораторија заради икс причини не може да ги обработи сите потребни пациенти.

-Познато е дека во овој дел од онкологијата имаме најдолго чекање. А чекањето е контрапродуктивно во однос на започнувањето на третманот на Клиниката за онкологија и сметаме дека со ова ќе се скрати времето на чекање и ќе се забрза почетокот на терапијата. Во NGS делот очекуваме во 2025 да завршиме со околу 1.500 анализи. Значи тоа се околу 1.500 пациенти, за околу 66 милиони денари. Стана збор за релативно скапи истражувања, посебно ако се работат повеќе гени или се работи целиот геном. Во оваа бројка се вклучени и ретките болести и онколошките, бидејќи кога еднаш ќе се сработи генетиката, таа е достапна за анализа и во однос на ретките болести и во однос на онкологијата – нагласи Клековски.

Фото: Фонд за здравство

Тој најави и воведување на генетска дијагностика што во моментов не се работи во земјава, а ПМФ е соодветно опремен.

– Тоа е ПГД (PGD) или Предимплантациската генетска дијагностика која се практицира при БПО или ин-витро. Односно со земање на неколку клетки од ембрионот пред всадување, се утврдува дали идниот плод е здрав, односно дали има генетски болести. Со тоа се зголемува успешноста на бременоста. Колку е ембрионот поздрав успешноста на ин-витрото е зголемена. Во моментот тоа не се работи во Македонија, мислам се работи во некои соседни земји. Земајќи во предвид зголемената потреба од ин-витро, секако сакаме да мислиме и на зголемената успешност на ин-витро обидите. Ги зголемивме на шест обиди на сметка на Фондот. Сега сакаме да додадеме услуги кои ќе ја зголемат и успешноста на ин-витрото во смисла на родени здрави деца –  додаде Клековски.

Деканот на ПМФ, Даворин Трпески рече дека Факултетот првпат во својата историја, во своето 80-годишно постоење, покрај вршењето научна и образовна дејност, ќе помогне во здравствената дејност во државата.

Фото: Фонд за здравство

– За тоа да се случи, морам да кажам дека три точки се многу битни во целава работа. Првата е одличната соработка што ја имавме во изминатиот период со Министерството за здравство, кои ги препознаа нашите капацитети и изготвија решение за да се вклучиме во здравствениот систем на Македонија, каде лабораторијата за молекуларна биологија и генетика всушност ја доби таа акредитација. Втората работа е тимот кој работеше и вработените на ПМФ кои интензивно работеа во изминатиот период за да можат да создадат услови за сето тоа да биде подготвено како што треба – истакна Трпески.

Третата, и најбитна работа, појасни, е одличната соработка што ја имаат со Министерството за образование и наука, кое изминатиот период вложило сериозни средства заедно со факултетот.

– Најголем дел или преку 90 отсто од средствата ги обезбеди МОН за да може да се направи ваква лабораторија, со која навистина можеме да се пофалиме и која е една од најрепрезентативните од таков тип во регионот. Особено ми е драго што овие народни пари кои беа вложени на факултетот и во лабораторијата, сега преку Фондот за здравствено осигурување повторно се враќаат кај осигурениците преку услуги кои ќе ги даваме во наредниот период – додаде Трпески.

Раководителот на лабораторијата за молекуларна биологија и геномика, проф. д-р Сашо Панов појасни дека овие анализи се круцијални за примената на прецизната медицина и таргетираната терапија кај ракот.

– Без детални генетски анализи, примената на скапа биолошка терапија може да биде не само финансиски товар, туку и неефикасна за пациентот доколку тој ја нема соодветната мутација. Со оваа опрема и нашиот кадар, овозможуваме прецизна дијагностика и интерпретација – додаде Панов.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека лабораторијата ќе започне со работа веднаш по завршувањето на техничките подготовки и тендерските постапки за набавка на потребните реагенси и потрошен материјал.