Фото: МИА

Евалуациите на високообразовните институции во земјава откриле неправилности во работењето на дел од нив, а оние што нема да ги отстранат во законскиот рок ќе се соочат со одземање на акредитациите и затворање. Ова денеска во Охрид го изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.

Одговарајќи на новинарско прашање, Јаневска истакна дека, за разлика од претходните години, сега активно функционира Агенцијата за квалитет во високото образование, која заедно со странски експерти спроведува евалуации на високообразовните установи.

Според неа, досега се затворени 18 институти и една приватна висока стручна школа, а во тек е постапка за затворање на уште пет до шест институти.

Министерката информираше и дека во моментов се вршат проверки и мониторинг на најмалку пет универзитети.

Таа нагласи дека Министерството за образование и наука постапува по пријави поднесени од поединци и групи наставници, а сите постапки се водат согласно законските процедури. На институциите, како што посочи, најпрво им се остава можност да ги отстранат утврдените недостатоци, а доколку тоа не го сторат во предвидениот рок, ќе следуваат законски мерки.