Фото: ЕПА

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ТУР ДЕ ФРАНС

  • Дотогаш водечкиот, Норвежанецот Торштајн Трен, поради потрес на мозокот и неколку скршени ребра, добиени по падот, се повлече од трката

Словенечкиот велосипедист Тадеј Погачар (27) победи на шестата етапа од велосипедска трка Тур де Франс, со што го врати водството во генералниот пласман, како и жолтата маичка. Велосипедистот на тимот Емирати ја заврши етапата од 186,2 км од По до Гаварње-Жедре за четири часа, 32 минути и седум секунди. Тој возеше сам на легендарната планинска етапа Кол ду Турмале на Пиринеите последните 43 км, постигнувајќи ја својата 23-та етапна победа на оваа трка. Четирикратниот шампион на Тур де Франс, Погачар, повторно е прв во генералниот пласман со време од 21 час, 11 минути и 57 секунди.
– Ова е една од моите пет најдобри етапни победи досега. Имав флешбекови на Турмале во 2022 година, кога ја скршив раката. Ова е неверојатна победа, една од најслатките. Се разбудив денеска во седум часот и бев возбуден, како и сите момци. Горд сум на лудата тимска работа – изјави Погачар по триумфот, пренесе „Би-би-си“.
Второто место го освои неговиот голем ривал, Данецот Јонас Вингегор (29) од тимот на Висма, со заостанување од 2.38 минути, а трет беше Мексиканецот Исак дел Торо (22) од Емирати, со заостанување од 2,57 минути. Истата разлика ја држеа и Белгиецот Ремко Евенепул од Ред бул и Французинот Пол Сегзас од Декатлон. Во генералниот пласман, Погачар има предност од две минути и 42 секунди пред Вингегор, а од совозачот Дел Торо три минути и 27 секунди, што е огромна предност за ваков велосипедист.
Дотогаш водечкиот, Норвежанецот Торштајн Трен од тимот Уно икс мобилити, падна на една кривина за време на спуштањето на првата вистинска планинска етапа, а по медицинската помош ја продолжи трката, но заостана многу зад победникот. Сепак подоцна е решено Трен да се повлече од Тур де Франс, откако деталниот медицински преглед од неговиот табор покажа потрес на мозокот и неколку скршени ребра. Следната, седма етапа од вкупно 21, се возеше вчера од Ажемо до Бордо (175,1 км). Г.И.