Фото: Приватна архива

Синоќа, во киното „Манаки“ во Битола, се случи премиерата на музичко-документарниот филм „Софија Кочевска-55 години кариера“. Филмот е посветен на богатото творештво и повеќедецениската музичка дејност на една од најпрепознатливите македонски музички уметници. Станува збор за една од првите македонски пејачки која снимила плоча уште во 1970 година кога тоа било реткост.

Автори на филмот се новинарот Шенол Мемиш и камерманот и монтажер Дејан Младеновиќ.

– Филмот ја следи кариерата на Софија Кочевска од најмали нозе до денес и е класичен биографски филм. Целта е да се одбележи една богата музичка кариера, без афери и скандали. Може да се направи и паралела на животот на музичарите некогаш и денес-вели Шенол Мемиш, еден од авторите на филмот.

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Врз документарецот се работело околу еден месец, истиот е снимен на повеќе локации низ Битола, а за кариерата на Кочевска, зборуваат шестмина почитувачи на нејзината работа, меѓу кои Петар Георгиев Калица, Слободан Димитров и Стојан Трајковски.

Кочевска започнала да пее уште за време на своето основно образование. Како пејачка и како играорка била членка на повеќе ансамбли и фолклорни друштва. Учествувала на речиси сите фестивали за народна и новокомпонирана музика во државава, а добитничка е на повеќе награди. Објавила неколку носачи на звук, а и денес е активна на домашната музичка сцена.

Инаку, ова е е четврт документарен филм на Мемиш и Младеновиќ. Досега ги објавија филмовите „Мојот вујко Стив Наумов“, „Осумдесет години слободна Битола“, како и филмот посветен на новинарот Димче Миновски за кој ја добија наградата „Камера 300“ на Интернационалниот филмски фестивал за аматерски документарен филм. Тие се автори и на една репортажа, а сите проекти им се поврзани со промовирање на Битола и на битолчани.

– Нашите филмови ги прикажуваме во кино-сала затоа што сакаме да ги мотивираме младите да ја видат разликата меѓу гледање филм на големото платно и гледање дома пред телевизор или лаптоп. Во моментов, работиме на уште еден нов проект-велат авторите.

Во филмот „Софија Кочевска-55 години кариера“ поместени се нови музички записи изведени во живо од пејачката.

Премиерата се одржа во рамките на „Битфест“, а проектот е поддржан од КИЦ Битола.

Ф.Д.