Ljupco Dimovski
Фото: МИА

И натаму принципиелно треба да стоиме на нашите позиции и да инсистираме на гаранција од ЕУ – дека уставните измени ќе бидат последниот услов од бугарска страна. Ако добиеме гаранција, ќе го смениме Уставот, но измените ќе почнат да важат од денот на нашето полноправно членство во ЕУ. Таква гаранција немаме добиено и во овој момент принципиелно стоиме на нашиот став дека тоа е последната отстапка што Македонија може да ја направи – вели во интервју за МИА вицепремиерот за политички систем, Љупчо Димовски.

Тој ги квалификува како политичко-партиски фолклор барањата на ДУИ за Бадентер во Уставниот суд и при избор на Владата. Во нив препознава обид за редефинирање и рекомпонирање на системот на државата, но и желба, како што нагласува, некој повторно да почне национализмот да го става во преден план заради сопствени потреби. Владата, подвлекува Димовски, добро функционира со легитимните претставници на македонските Албанци во земјава, а тоа, дополнува, го потврдија и последните резултати на локалните избори. Според него, интересите на македонските Албанци се во целост застапени преку нивните претставници и во Собранието и во Владата.

– ДУИ повторно ги отвора овие прашања зашто во моментов тоа и одговара, а целта е да го подигнат во голема мера загубениот рејтинг и углед кај гласачите – смета вицепремиерот.

Димовски не знае кога точно може да се очекува усвојувањето на измените на Изборниот законик, но е дециден дека за секоја измена ќе мора да има политички консензус. Во однос, пак, на мигрантите за кои обвинува СДСМ, тврди дека не е потпишан никаков договор, ниту се преземени какви било обврски кои се однесуваат на таа тема. Воедно потсетува дека веќе е донесена владина одлука усвоена и во Собранието, за продолжување на мигрантската криза и во 2026 година.

На прашањето што ја одржува соработката меѓу СПМ и ВМРО-ДПМНЕ повеќе од две децении, тој истакнува дека заедничките ставови поврзани со националното прашање и иднината на државата ја прават коалицијата успешна. Во овој конктекст ги повикува сите политички чинители на градење национално единство кое, потенцира, на Македонија и е сега најпотребно.

– Релациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СПМ се добар пример како треба да се гради националното единство. Ние тоа успеавме да го направиме во рамки на коалицијата, во рамки на Владата, а сега на сите политички партии, и од власта и од опозицијата, им ја нудиме раката да можеме да го градиме тоа единство зашто постојат сериозни предизвици пред Македонија и ние мора да го изградиме тоа единство зашто така ќе бидеме посигурни и посилни за да можеме да си ги оствариме интересите. Да не бидеме разединети, да бидеме единствени. Кохезијата е многу битна работа, а единството е уште побитно. Свеста е најбитната работа дека до тоа мора да дојде и оттаму и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер и јас како претседател на СПМ наназад повеќе години апелираме до сите здраворазумни сили во државата да се обидеме да го постигнеме тоа национално единство – порачува Димовски.