Вчерашниот изумрен свет

Социјалистички тапкароши и капиталистички коцкари

Најпрвин, една слика од вчерашниот изумрен свет. Имав 19 години, студирав и паралелно работев како новинар во „Студентски збор“, а примав хонорар колку третина од платата на татко ми. Живеев во социјализам, за кој се вели дека е најтоталитарниот режим на светот, ама бев самостоен уште тогаш. Сам си купував гардероба, сам си ги плаќав излегувањата во град, а дома бев „запишан“ само за храна, иако често ручав и во Стара чаршија, на паузите од предавањата. И добар дел од моите другари-студенти веќе работеа – некои како новинари, а некои разнесуваа млеко и други производи за стари лица, преку популарната „Студентска задруга“. Еден дури работеше како пекарски помошник на Гази Баба. Кој сакаше, можеше да најде работа како студент.
А сега слика од денешниов демократски (капиталистички) свет. До пред петнаесет минути слушав ужасна кавга. Едно момче, на истите години на кои бев јас кога и студирав и работев, беше во посета на баба му, која живее во станот до мене. Ѕидовите во зградава се тенки, па се слуша сè: момчето се расправаше со неа барајќи ѝ пари на заем. Таа не даваше, но тој со сила ѝ зеде половина пензија и рече дека ќе ѝ ги врати парите за најдоцна еден час. А сега стојам на балконот и гледам како момчето влегува во коцкарницата (воедно и обложувачница), спроти мојата зграда. Една таква има и во мојата зграда, крај влезот. Во целата улица (ги броевме со син ми) има осум такви „стапици“ за пробување среќа. Мал уличен Лас Вегас. А на улицата има, колку за споредба, само едно училиште, и тоа доста руинирано. Навечер училишниот двор е неосветлен (а нашите деца одат таму на тренинзи по карате и кошарка), додека коцкарниците светат како роеви НЛО што дошле да ја покорат човековата раса. Значи, место за стекнување знаење – едно и неосветлено, места за пробување среќа – осум и светкави.

Уште во минатиот век антропологот Роже Кајоа ги подели игрите што ги играат луѓето на четири групи (поточно на четири доминантни својства во играта што се игра). Првиот тип игри се оние што главно зависат од твоите знаења и борбата, и тие се викаат АГОН (грчки – борба), како што се спортовите, шахот, квизовите. Вториот тип игри се оние што зависат исклучиво од твојата среќа, а не од твоите способности, и тие се викаат АЛЕА (во превод од латински – коцка). Тука спаѓаат сите игри со фрлањето коцки, лото-игрите, лозовите, извлекувањата наградите, рулетот. Третиот тип игри се оние што се викаат МИМИКРИЈА, а се сврзуваат со маскирањето: од карневалите, преку театарот (во кој актерот, и да не носи маска, станува НЕКОЈ ДРУГ), до политиката (ако и таа се смета за игра), во која многу често се користи фразата „маските паднаа“. И четвртиот тип игри се оние во кои доминира својството ИЛИНКС (изместена перцепција на светот) или ВЕРТИГО, опиеност. Таа игра започнува во детството со она упорно детско вртење во круг за да се предизвика задоволство од вртоглавицата, а продолжува со лулашките во детските паркови и рингишпилите на панаѓурите, до лунапарковите со ролеркостерите за повозрасните, каде што скока адреналинот предизвикувајќи вртоглавица. Тие игри завршуваат понекогаш со употреба на алкохол и опијати, за да се предизвика „поинаква перцепција на светот“ (доколку и користењето опијати се смета за игра). Се разбира, овие четири нешта не се наоѓаат во чиста форма во ниедна игра, туку се својства. Никој нема да негира дека во кошарката, која е агон (бара знаење и борба), или во квизот – не е вклучен и факторот среќа/несреќа: на пример, кошаркарот се лизнува и ја губи топката, или прашањето на квизот не му е баш „погодено“ на натпреварувачот. Но во агонот, среќата е на маргините.
Од оваа класична и прочуена типологија на игрите може да се направи и социолошка типологија: општества што ГЛАВНО се потпираат на знаење, способност и борба (агон), општества во кои се успева „на среќа“, општества на маскирање и носење маски во кои доминираат лагата и лажното претставување и, конечно, општества на масовна опиеност, од алкохол до жесток национализам, зашто и идеологиите се опијати со „изместена перцепција на светот“. На кој тип му припаѓаше вчерашниот изумрен свет, а на кој му припаѓа денешниот сјаен свет?
Јасно е дека денешниов, демократски свет, свет на капитализмот и личниот профит, во висока мера се потпира на среќата, маскирањето (политичките карневали наречени предизборни кампањи) и на сè поголемата употреба на опијати, дроги и седативни средства, кои треба да го направат овој свет поубав одошто е. Се разбира, не негирам дека тука има и агон, односно знаење и способност, но тие се реткост. Десет отсто од луѓето што го сочинуваат човештвото живеат од агон, но деведесет отсто живеат како очајни робови што ја бркаат среќата како единствена спасителка од сиромаштијата. Оние најочајните се целосно препуштени на илинкс, на вертиго, на алкохолизам и наркоманија, сонувајќи „вештачки раеви“ под опијати.

Затоа сме ние десетпроцентни општества и десетпроцентна планета. На оние други деведесет отсто, единствената шанса да заработат нешто им се игрите на среќа и коцкарниците. Не беше тоа така во вчерашниот изумрен свет. Тој беше базиран врз поимите на трудот и работничката класа, што подразбираше борба, трудољубивост, стекнување знаења. Во тој „тоталитарен систем“ најжестоко се осудуваа игрите на среќа. Како срча во мозокот ми е врежана епизодата кога една вечер, играјќи си на улицата, некој дотрча и викна: „Дојдете, има полициска рација кај Јово Камионџијата!“ За Јово се зборуваше дека ноќе се коцка со другарите, дека играат „на пари“, па полицијата ги приведе и веќе другиот ден веста излезе како бомба во весниците. Играле покер, и иако сумите биле симболични (колку за кутија цигари или шише ракија), тоа беше скандал. Во општество базирано на труд, играњето покер се сметаше за класно отпадништво од работничката класа. А сега можам слободно да влезам во казина што се рекламираат и „да висам“ на рулетот што врти цела ноќ. Дури и полицајците (ако не се на должност) можат да се коцкаат.
Првите упади на таа капиталистичка АЛЕА (среќа) во АГОНОТ на социјализмот беа бенигните препродавачи на карти за кино, популарно наречени „тапкароши“. Една вечер отидов на кино со девојката. Но, билети немаше. За чудо, имаше неколкумина сомнителни типови што шетаа пред киното и речиси со шепот прашуваа: „Карти – требаат?“ Ги продаваа за двојно повисока цена. Се сетиле да ги купат сите карти од билетарницата и потоа на нив да заработат. Тоа беше коцкање од нивна страна: вложуваш во билети, па ако имаш среќа да ги продадеш, ќе заработиш двојно, како на рулет. Ако не, ќе загубиш, како на рулет. Полицијата ги приведуваше и нив. Денес, во новиот свет на капитализмот, тоа приведување би изгледало контрадикторно. Па капитализмот, оној непроизводствениот, и не е ништо друго освен „тапкароштво“. Накупци и прекупци што не фатиле мотика в рака ги откупуваат сите домати од земјоделците и ни ги продаваат по двојна цена. Политичарите распишуваат тендери за автопатишта, на кои избираат фирми-тапкароши што наплаќаат цена тројно повисока од реалната. Зар тоа не е истото она што се случуваше пред кината? Ама денес тоа се смета за легална професија, за ЗНАЕЊЕ и СПОСОБНОСТ, за АГОН. Така што оние тапкароши пред киносалите беа аматери. Безнадежни социјалистички аматери со бизнис-амбиции. И жал ми е за нив. Тие „тапкаа“ за леб, овие капиталистичкиве за бес. И тоа е една промена: новиот свет го замени лебот за бес.
Никој не е гладен, а сите се коцкаат. Оние што се гладни – питаат. Толку за тој јад.

Венко Андоновски