Во современиот свет на обврски, мобилни телефони и бескрајни листи со задачи, многумина од нас живеат со мислењето дека секоја ситница мора да биде под контрола, како само на тој начин да ги „поправаме“ нашите животи. Сепак, оваа потреба само ја црпи енергијата и ја одзема радоста од секојдневието, а во исто време ги зголемува чувствата на стрес и незадоволство.
Истражувањата во психологијата покажуваат дека екстремните форми на перфекционизам и потребата за контрола може да бидат поврзани со повисоки нивоа на стрес, анксиозност и општа психолошка непријатност, додека луѓето што развиваат поголема флексибилност и сочувство покажуваат подобра психолошка благосостојба и помалку стрес.
Потребата постојано да се контролираат сите аспекти од животот не е добра ниту за меѓучовечките односи ниту за менталното здравје, пишува „Пабмед“. Погледнете настрана од вашиот календар, часовник, мобилен телефон и други работи што ги обликуваат вашиот живот и начин на размислување, односно погледнете ги луѓето околу вас, обидете се да замислите каде одат, како живеат, како се чувствуваат. Уживајте во малите секојдневни работи, зајдисонцето и изгрејсонцето, ветерот, лисјата, нечија насмевка… Излечете се од перфекционизмот.
Прифатете го фактот дека не сте секогаш во право и опуштете се – вашиот живот ќе цвета, а вашите односи со другите луѓе ќе бидат многу попријатни. Пред да реагирате на одредена ситуација, застанете и размислете дали вреди стресот. Нема да биде крај на светот ако куќата не е совршено чиста и уредна или ако доцните некаде.
Ова се промените што ве очекуваат ако престанете да се обидувате да контролирате сè во вашиот живот и со обидите да бидете совршени: ќе прифатите некои луѓе токму какви што се, а не според имагинарната слика што сте ја создале за нив; нема да се грижите за мислењата на другите и ќе бидете природни; ќе престанете да се обидувате да се промените само за да им угодите на другите и за да имаат подобро мислење за вас (запомнете дека никогаш нема да можете да ги контролирате мислењата на другите луѓе за вас, па зошто да трошите енергија на тоа); нема да се грижите за проблеми што сè уште не постојат ако го ослободите умот од непотребни грижи; ако дозволите некои работи да си одат по својот тек, ќе имате повеќе време и сила за она што навистина го сакате и сакате да го правите.
Животот брзо минува, а ако постојано се обидувате да го држите под контрола, ќе пропуштите многу задоволства. Внатрешниот мир не зависи од надворешните услови, туку од вас самите.
Драгана Шубаревиќ
































