- Мицкоски вели ќе ја напушти арената ако народот биде измамен… Хм – Бугари, па мигранти – опасно! Службите се мајстори на игри. Мигрантите ќе „свршат работа“ и без да дојдат – расклатување на Мицкоски! Дали тој игра руски рулет или британски? Дали е тоа странско гориво за Филипче? Е па, што зборуваат британските медиуми – се шегуваат ли со нас или, пак, британските разузнавачки служби немаат поим што прават? Нема шегување со нив
Оваа статија му ја посветувам на мојот другар Бего Муртиќ од Вишеград, Босна, а сега граѓанин на Шведска. Ќе објаснам подоцна. Човек се раѓа слободен, а потоа станува емигрант. Официјално, над 4 отсто од населението во светот се мигранти (над 300 милиони), а близу половина се насилно иселени. На Балканот се масовни, политички и без контрола. Нобеловец овде не доаѓа. Имаме 350 повратници од ИСИС (Бабановски). Во САД се над 50 милиони – 15 отсто од населението. Најчесто се од Третиот Свет. Една третина се со високо образование, а преостанатите се главно со ниско (работничка ниска класа).
Се јавија стресови во светот. Експерти за миграционо право на САД велат дека повеќе им треба физичка работна сила отколку интелектуалци. Некогаш интелектуалците беа проблем за системот (социјалисти, комунисти, анархисти), но сега нештата се менуваат. Во Израел, масовната имиграција од Русија (СССР) се состоеше речиси целосно од високообразовани (доктори, инженери, математичари, музичари, филозофи), па имаше драстичен недостиг од мајстори, шофери, работници (земјоделски, градежни), па практично немаше „кој да работи“. Работниците и мајсторите беа многу подобро платени од интелектуалците. Иста тенденција сега се јавува и во Европа и Северна Америка. Затоа Израел „увезуваше“ работници Палестинци, други Арапи, Корејци и Тајланѓани. Вистина е дека овие беа многу чесни и добри работници. Еден мој зет, кој е градежник, вели дека „без Арапи не може да имам бизнис“, па дури и перфектно научил арапски. Сега во Израел има околу една третина Арапи, кои се муслимани, и доаѓа во прашање дали во иднина ќе може да постои „еврејска држава“. Без Арапи, Израел ќе колабира. Некои велат дека по 50 години нема да биде „еврејска држава“, па мислат дека и Евреите ќе исчезнат. Порано многу Евреи си одеа од СССР (и покрај комунисти Евреи), а сега се враќаат во Русија. Цел свет го има синдромот на Израел.
Новиот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, отворено вели дека не треба да постои еврејска држава. По аналогна логика, тоа е како да „не треба да постои исламска држава“ – ама тој не го вели тоа. Да бидам искрен – тоа е антисемитизам. Антисемитизмот е постар брат на нацизмот, нацизмот е постар брат на џихадизмот, а џихадизмот е постар брат на Европа. Голем дел од светот не го сфаќа тоа – на здравје! Велат „антисемитизмот е еврејски проблем, а нам ни е гајле“. Добро – ама мечката доаѓа и кај нас. Мамдани е роден во Уганда (сетете се кој беше Иди Амин), дојден во САД и има брилијантна политичка кариера. Тој ѝ припаѓа на Демократската партија… Извинете, денес секој фашизам и секакво ѓубре си прикачува назив „демократски“ (ај сетете се кај нас). Што правиме со европскиот нацизам и одредбите на Јалта? Запад против Запад! Колку е извитоперен светот толку е и умот. А зошто ја мешаме Америка во сето ова? Па, само пред една година (имам податок од значаен извор) речиси сите универзитети кои се таму светиња беа окупирани од џихадистички (главно дојденски) групи, па не пуштаа да влезе ни еден Евреин (на знам како ги препознаваа), а и други што „не им се допаѓаат“. Веројатно има инсајдери информатори. Тоа за мене беше „џихадистичка окупација“, иако тие се помалку од 1,5 отсто од општото население (под 5 милиона). Што кога ќе бидат 50 отсто? Во Франција во 1900 година исламското население беше под 0,01 отсто, во 1950 – 1,1 отсто, а сега над 20 отсто со значајно влијание врз електоратот, а за немири и насилства да не зборуваме.
Да не предизвикам погрешно мнение дека сум исламофоб или предрасудник. Напротив, имам другари исламисти што се многу учени и многу попаметни од мене. Тие не ги поддржуваат џихадизмот и тероризмот. Уште повеќе – најзагрозени од џихадизмот се токму муслиманите – искуство од УЧК, Иран, Арапската пролет и од Западот. Во Британија, каде што бев во 1979-1980 г., најдобри пријатели ми беа еден брачен пар Иранци, атомски физичари (од групата на шахот Пахлави). За време на нацизмот, мои роднини ги спасија Албанци. Евреите што бегаа од Германија не сакаа да ги примат (поради конкуренција). Да примиш луѓе во мака е доблест. Дали ќе нѐ „окупира“ доблеста? (Спиноза – „човек чезнее да се сочува и да биде корисен и има право да се движи, дружи и да бара подобро“. Левинас – „страдање е страдање на другиот“, а „дома е добредојде“. Едгар Морен – светот е „терестијална мајка“ и „глобални граѓани“).
Најсетне да дојдам на поентата – потенцијален имигрантски бран во Македонија. Му верувам на Мицкоски стопроцентно, иако не сум склон кон верување на политичари. Дури имам и параубедување дека тој ни е последна шанса, бидејќи претходните ни беа „китка шарена“, криминален фетиш и подарок од ѓаволот! Кога политичарот вели „жими мајка“, како да кажал „жими свекрва“ или „жими мајка на опозицијата“. Значи, ветувањето е – нема имигранти, но наводно ни требаат градежници (што би рекле – „малку трудна“)! Едно хипербезобразно прашање: Дали меѓу имигрантите има некој христијанин или не дај боже Евреин? Самуеле, колку си безобразен! Мицкоски вели ќе ја напушти арената ако народот биде измамен… Хм – Бугари, па мигранти – опасно! Службите се мајстори на игри. Мигрантите ќе „свршат работа“ и без да дојдат – расклатување на Мицкоски! Дали тој игра руски рулет или британски? Дали е тоа странско гориво за Филипче? Е па, што зборуваат британските медиуми – се шегуваат ли со нас или, пак, британските разузнавачки служби немаат поим што прават? Нема шегување со нив. На тој испит паднале и Троцки и Сталин, потоа Берија, Отоманската Империја, принцезата Дајана и Егејска Македонија. Моќ, брате. Дали ќе тужиме како Трамп?
Велат со мигрантите ќе дадат и пари (на англиски „blood money“). Каде ќе одат парите? Парите се како водата, течат, наоѓаат бездни во пуста земја. Многу добро го знам Обединетото Кралство (Британија) – сум имал проект таму. Еден Македонец-Канаѓанец вели дека во иднина во Македонија ќе „се истурат“ Кинези… значи Скопје ќе биде „Шангај“, па конечно универзитетот ќе влезе во Шангајската листа. Или како во братска Британија – Азијати и џихадисти? Тоа е убаво, но дали сакаме во иднина да нема Македонци? Мислите дека сум македонски шовинист? Е па, да ве прашам: дали ве навредува кога Бугарите, Грците или други велат дека нема Македонци? Мене да. Села на ТВ вели дека ги признава Македонците и македонскиот јазик. Браво. Дали е искрен? Фамозниот Фрчковски се отепа од фалење на ТВ дека имаме најдобар устав во светот. А пред околу 30 години неговото МВР потпиша околу 200.000 пасоши на Косовари (податок од службеници на безбедност) и ја „растури“ Академијата за безбедност. Совет – не лови ајкули со медиумски сардини.
Сега малку за мојот другар Бего Муртиќ. Со група Бошњаци (тогаш беа Срби) бевме во Охрид во 1963 година. Се случи земјотресот во Скопје, моите родители беа во рушевини, а сестра ми загина. Немав информации за нив и бев во очај, скршен, изгубен. Бего и Бошњаците од Вишеград (горди на Иво Андриќ, кој е од таму) буквално ме спасија од депресија и пропаст. „Ќе дојдеш со нас ако треба, ние сме ти браќа.“ И сега сме како браќа. Дојде војната во Босна 1992-1995. Вишеград го „раскапаа“ и искасапија „Белите орли“. Бего ми се јави велејќи: „Те молам да ја примиш мојата фамилија, инаку ќе ги убијат“. Без дискусија ги примив. Прекрасни луѓе. Но подоцна дојдоа десетина „други“, па некои велеа и дека треба да се „вселат“. Баш и не ми беше сѐ рамно. Мајка ми им помогна да одат во Шведска, каде што сега се успешни граѓани. Често контактираме. Дознав дека се исламисти и посакувам да има што повеќе од тој тип и само од тој тип. Да, да, има и еврејски џихадисти и тоа не ми се допаѓа. Бего дури стана и претседател на Комунистичката партија на Босна (Титоисти), но се откажа под мое влијание. Џихадистите ги создадоа западните служби – прво Британија (уште од времето на Кромвел, па Хемфер, Лоранс од Арабија, Филби татко и син итн.) и САД (Донован, Бжежински, Кејси, Тенет итн.). Целата оваа игра со мигрантите исламисти и џихадисти ја играат службите и тоа им се враќа на сите како бумеранг.
Што се однесува до Иран – го респектирам многу како стара цивилизација. Режимот фундаменталистички не го респектирам, но ако тие си го сакаат – нека им е на здравје. Но не сакам да го извезуваат – а тоа го прават брутално со „прокси“ непријателите на Израел. Дали во Иран и сличните може да бидеш христијанин, Евреин или не дај боже Бахаец? Мртов си! Но тоа не е само „израелска игранка“, тие се инфилтрирани во Европа, Америка, па дури и Кина и Русија, за Индија и Пакистан да не зборуваме. Извинете, за џихадистичките (бивши неврзани) формации плус ОН, УНРА, разни невладини организации што се „вљубени“ во џихадизмот (сетете се и на војните овде) – извинете – ми е „абоминабилно“ да зборувам. Ирански елитни единици има и во околни земји. Што прават тие? И тие ли се „невини“ шаторски градежници? На крајот ви велам – ако се сомневате во секого, тогаш сте параноид, а ако им верувате на сите, тогаш сте наивен доцил. Откријте го средниот пат на праведноста.
Проф. д-р Самуел Садикарио Колономос

































