- И покрај тоа што на прв поглед е очигледен впечатокот дека протестите навистина имаат иста или слична инспирација, иконографија и учесници, всушност идентична „фасада“, се поставува прашањето дали тие протести имаат подлабока заедничка нишка. Дали можеби имаат заеднички идеолошки центар на менаџирање или ресурси од каде што се генерираат протестите? И, конечно, дали протестите и натаму ќе се прелеваат во други држави во регионот?
Бран на протести под плаштот „против корупцијата“ се шири низ Југоисточна Европа, при што демонстрантите низ различни форми, и ненасилни и насилни, изразуваат изливи на емоции и поведенија во јавноста образложувајќи дека „причинител за таквите активности е постоењето на корупција во државите и државните институции“, дека се протестира поради „небрежноста од страна на носителите на јавната власт“, но и поради „немањето или непреземањето одговорност од страна на оние што се на власт“.
Имено, протестите во Србија тлеат повеќе од една година, по падот на натстрешницата на железничката станица и жртвите што тоа ги предизвика. Потоа, коалициската влада на Бугарија поднесе оставка минатата недела, а протести неодамна избувнаа и во Романија поради обвинувањата дека судството е „заробено“ од политички интереси.
И покрај тоа што на прв поглед е очигледен впечатокот дека протестите навистина имаат иста или слична инспирација, иконографија и учесници, всушност идентична „фасада“, се поставува прашањето дали тие протести имаат подлабока заедничка нишка. Дали можеби имаат заеднички идеолошки центар на менаџирање или ресурси од каде што се генерираат протестите? И, конечно, дали протестите и натаму ќе се прелеваат во други држави во регионот?
1. Бугарската влада падна по масовните протести
Бугарскиот парламент едногласно ја прифати оставката на премиерот Росен Жељазков на 12 декември, еден ден откако тој ја поднесе, непосредно пред шестото гласање за недоверба, предизвикано од масовните протести „поради корупцијата и спорните буџетски планови“. Жељазков поднесе оставка помалку од три недели пред Бугарија да го усвои еврото, имено на 1 јануари 2026 година. Официјалните лица изјавија дека политичките превирања нема да го нарушат закажаниот премин на валутата. Неговата едногодишна коалициска влада е под зголемен притисок откако десетици илјади луѓе излегоа на улиците на 10 декември на трет голем митинг за две недели. Околу 150.000 демонстранти се собраа во Софија, а илјадници други во други градови, под мотото за осуда на корупцијата, неефикасноста на владата и владејачката политичка елита. Владата, формирана во јануари 2025 година, преживеа пет претходни гласања за недоверба. Неколку минути пред да разговараат пратениците за шестото, Жељазков ја објави својата оставка на итна прес-конференција во парламентот, велејќи дека одлуката ја одразува „волјата на народот“. Сега се веројатни нови предвремени избори, бидејќи двете најголеми парламентарни групи – партијата ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов и опозициската алијанса Продолжуваат промените – Демократска Бугарија – веќе ги отфрлија обидите за формирање нова влада во рамките на сегашниот парламент.
2. Протести во Романија
Во Романија минатата недела избувнаа протести поради „обвинувања за корупција во судството“. Повеќе од 170 судии ѝ се приклучија на т.н. акциска група што обвинува дека „судскиот систем е заробен“. Претходно, истражувачката веб-страница „Рекордер“ откри во Романија политичко мешање, тргување со влијание и случаи на корупција од висок профил. Така, тие тврдења јавно потврдени од судијата Ралука Морошану, предизвикаа улични протести во Букурешт и во неколку поголеми градови на 11 декември. Масивни протести се случија во главниот град, а стотици други во Клуж-Напока и Јаш, барајќи оставка од претседателката на Високиот суд, Лиа Савонеа, од шефот на Националната дирекција за борба против корупцијата (ДНА), Ливиу Војнеаг, и од министерот за внатрешни работи Каталин Предоиу, поранешен министер за правда.
Демонстрациите следуваа по емитувањето на двочасовниот документарец на горенаведената веб-страница „Рекордер“ на јавниот сервис во кој се тврдеше дека е извршен систематски притисок врз судиите и обвинителите. На напната прес-конференција свикана од Апелацискиот суд во Букурешт за да ги побие обвиненијата, Морошану јавно го поддржа судијата Лауренциу Бешу, чие сведочење беше во срцето на истрагата. Во јавноста се опиша клима на заплашување во судовите, со тврдење дека судиите се „тероризирани со дисциплински мерки“. Објаснувањата дадени од раководството на судот беа дочекани со скептицизам од страна на новинарите и граѓанските групи. Подоцна, судијката Даниела Паниоглу изјави за „Евроњуз“дека верува оти корупцијата во судството е сеприсутна. Притисокот на демонстрантите врз властите во Романија продолжува…
3. Континуирани улични протести во Србија
Србија беше сведок на најдолготрајното протестно движење во регионот, кое учесниците го правдаат дека е последица на „корупција, непотизам, некомпетентност…“, а иницијалната каписла беше фаталниот колапс на инфраструктурата, што стана симбол на демонстрантите. Имено, протестите поради уривањето на натстрешницата од бетон на железничката станица во Нови Сад во ноември 2024 година, во кое загинаа 16 лица и беше една од најлошите инфраструктурни катастрофи во земјата, траат повеќе од една година. За потсетување, пред месец и половина, на 1 ноември, десетици илјади луѓе се собраа во Нови Сад за да ја одбележат годишнината од катастрофата. Граѓаните се собраа на 16 локации низ градот – по една за секоја жртва – пред да маршираат до станицата во спомен и да одржат 16-минутен молк, по една за секоја од жртвите. Некои од протестите во изминатата година привлекоа навистина огромни толпи млади граѓани. Така, протестот во Белград на 15 март оваа година собра над 300.000 луѓе, станувајќи најголемиот протест во Србија (според оценките на Би-би-си). Тие одржаа 15-минутен молк. Протестите, кои започнаа како излив на тага, се развија во поширок политички предизвик со испорачување барање за предвремени избори. За издвојување е дека протестите во Србија доведоа до оставка на поранешниот премиер Милош Вучевиќ претходно годинава.
Студентите во Белград одржаа и „предупредувачки протест“ против плановите за реконструкција на поранешната зграда на Генералштабот, комплекс оштетен за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година. Тој објект беше прогласен за културен споменик, а најново се планираше да се претвори во луксузен хотелски и станбен проект, поддржан од Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Под слоганот „Ние сме жив ѕид“, демонстрантите формираа човечки синџир околу локацијата, обвинувајќи ја владата за заобиколување на законските процедури и за „продажба на историја“. Реконструкцијата беше овозможена со посебен закон донесен од парламентот, за кој властите рекоа дека би бил во функција на јавниот интерес. Немирите доаѓаат во време кога Србија се соочува со растечки економски и дипломатски притисок, вклучувајќи ги и санкциите од САД врз нејзината единствена нафтена компанија – НИС. Србија се соочува и со критики од Европската Унија и напнати преговори за енергија со Русија.
Заедничка нишка: Антикорупциски протести или „инструментализирана демократија“?
Иако државите се различни, заедничката нишка е јасна: во сите случаи граѓаните протестираат не само против поединечни настани туку испорачуваат и политички барања, против актуелните власти.
Заедничко е тоа што овој бран на протести не е случаен. Тој се јавува во услови на економски притисоци, кризи, инфлација, зголемени трошоци за живот… Дополнително, европската перспектива сè повеќе го губи кредибилитетот бидејќи ЕУ не испорачува јасни пораки и правила и за кандидатските земји за ЕУ (но и за најмладите членки на ЕУ).
Натаму, заедничко е и тоа што протестите во Југоисточна Европа не се изолиран случај, туку симптом на перманентност. Протестите сами по себе и за себе се препознатливи и по забележливото присуство на двојни стандарди, лабави и растегливи принципи и критериуми, игнорирање на универзалните вредности и наметнување пракса на извртени вредности, манипулирање со јавното мислење координирано со медиумска кампања и лажни вести, лиферување опасно екстремистички ставови и нетолеранција. А тоа е јасна методологија, доктрина и идеологија на добро познати политички елити од соодветните центри на моќ. Во тој контекст, тезата дека протестите во Србија, Бугарија и во Романија не се само спонтана реакција на корупцијата туку и поттикнати, насочувани и искористени од надворешни „демократски сили“ со неолиберални белези, не е ниту теорија на заговор ниту нешто ново во меѓународната политика. Напротив – тоа е добро документиран модел. Аналогно, корупцијата сама по себе не е длабоката причина. Клучниот критериум е политичката (не)усогласеност (на одредени влади во регионот) со западните неолиберални интереси. Тоа е најглавната заедничка нишка на поттикнатите протести во регионот. Тоа е и центарот од кој се генерира „уличната демократија“, чија главна цел е промена/моделирање на власта во државите во регионот, стриктно по теркот на либералната идеологија и доктрина, чии знаменосци се либералните европски елити. И од Брисел, но и од други европски центри на моќ, кои во моментов се маѓепсани од милитаристичката идеја за форматирање облик на наддржава (ЕУ) како европска суперсила. П.Р.
































