Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Македонија се соочува со „сериозна и неправедна блокада“ во евроинтегративниот процес, нагласувајќи дека државата мора да влезе во Европската унија, но притоа да остане достоинствена и сочувана.

Обраќајќи се на свечената академија по повод Денот на сесловенските просветители, одржана во црквата Света Софија во Охрид, Мицкоски истакна дека одлуките што се носат денес ја определуваат иднината на државата.

 – Македонија се соочува со сериозна и неправедна блокада во нејзините интеграции. Можам да ги разберам, иако не ги оправдувам, позициите на Бугарија – рече премиерот.

Тој повторно повика на народно и интелектуално обединување, нагласувајќи дека борбата за националните интереси треба да се води на здрава и цврста основа.

 – Нема пари, нема моќ и нема причина поради која би го предал мојот народ или би направил нешто на негова штета – порача Мицкоски.

Според него, само со единство и цврст став, без оглед на предизвиците, Македонија може да остане стабилна и да ја гради својата иднина.