Илустрација/Фото: Пекселс

Во последните 24 часа, Министерството за внатрешни работи евидентирало осум пријави за семејно насилство низ државата, при што пет лица се лишени од слобода.

Случаите се регистрирани во Пробиштип, Кичево, Скопје, Тетово, Битола, Крива Паланка и Неготино, а пријавите се однесуваат на физички напади, закани и семејно насилство врз партнери, родители, деца и други членови на семејството.

Во Пробиштип, 46-годишен маж бил приведен откако, според пријавата, физички го нападнал својот брат, при што употребил и дрвен предмет.

Во Кичево, полицијата привела 43-годишен маж по пријава од неговата 22-годишна поранешна партнерка дека физички ја нападнал.

Во Скопје, регистрирани се два случаи на семејно насилство – во едниот, сопружници меѓусебно се пријавиле за физички напад по расправија, а во вториот, 35-годишна жена пријавила дека била нападната со тврд предмет од нејзиниот партнер.

Во Тетово, 51-годишен маж пријавил дека неговиот брат физички го нападнал неговиот син и му се заканувал кога се обидел да го заштити детето.

Во Битола, приведен е 40-годишен маж по пријава од 17-годишна девојка дека физички ја нападнал, при што таа се здобила со тешки телесни повреди.

Во Крива Паланка, полицијата привела лице осомничено дека физички го нападнало својот 65-годишен татко.

Во Неготино, 42-годишен маж е лишен од слобода по пријава од неговата 19-годишна ќерка дека ја нападнал и ѝ се заканувал, а според пријавеното, таа и нејзиниот малолетен брат подолго време биле жртви на физичко и психичко насилство. Судот му изрекол мерка за отстранување од домот и забрана за приближување до жртвата во траење од 15 дена.

Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи и најавуваат соодветни пријави по нивното целосно документирање.