Основното јавно обвинителство – Скопје поведе постапка против 49-годишен маж осомничен за кривично дело „насилство врз дете“, откако во дворот на основно училиште во Илинден физички и психички нападнал 11-годишно дете.
Според Обвинителството, инцидентот се случил на 22 мај, откако синот на осомничениот имал недоразбирање со свој врсник и го повикал таткото.
Кога пристигнал во училишниот двор, осомничениот најпрво му упатувал навреди, пцовки и погрдни зборови на другото дете, а потоа и физички го нападнал, удирајќи го со шлаканици и тупаници во главата и телото.
Во нападот, детето се здобило со телесни повреди, расекотини и подливи, информираат од Јавното обвинителство.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, односно осомничениот да има обврска да се јавува во судот и да му биде изречена забрана за приближување до оштетеното дете.
































