- Пјер Паоло Пазолини и неговата „Теорема“ за првпат се работат во Македонскиот театар воопшто
Мирко Радоњиќ, режисер од Црна Гора, во Младинскиот културен центар ја работи претставата „Теорема“ според романот на Пјер Паоло Пазолини, во продукција на независниот театар „Златен Елец“ од Скопје.
Мирко Радоњиќ е театарски режисер и ликовен уметник, а освен како режисер, работел и како асистент-режисер, дизајнер на светло и сценограф на театарски проекти на кралскиот театар „Зетски дом“, Црногорскиот народен театар, сараевскиот „Сартр“, во Суботица и други театри. Неговите претстави како „Ана Каренина“, „Вујко Вања“, „Соби“ „Син“ и други се наградувани на значајни фестивали.
Радоњиќ се занимава и со педагошка работа во рамките на драмското студио „Празен простор“, а неодамна ја имаше премиерата на претставата „Волшебниот рид“ од Томас Ман со независниот театар „Празен простор“ во Црна Гора.
Во 1968 година Пјер Паоло Пазолини го снимил филмот „Теорема“, пишувајќи роман во исто време и со исто име. И двете дела, пресликувајќи се едно со друго, се потпираат на наративот на мистериозното. Мистериозниот посетител се појавува во животите на едно типично буржоаско италијанско семејство. Енигматичниот странец ги заведува сите членови на семејството: слугинката, синот, мајката, ќерката и таткото. Инаку, еднакво необјасниво како влегол во нивните животи – како што и заминал, секого од нив го остава поединечно да се соочува со неговото отсуство: пеколот на сопственото постоење или можноста за избавување. Според самиот Пазолини, ова дело е парабола, а според теоријата – рефлексија на напорите на авторот да се соочи (и помири) со своите христијански, марксистички и фројдовски размислувања.
Во претставата играат актерите: Стефан Вујисиќ, Златко Митрески, Бобан Алексоски, Ана Јовановска, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски. Драматург е Ева Камчевска, преводот на романот го направи Наташа Сарџоска, костимите се на Лина Лековиќ, а сценографијата е на режисерот Мирко Радоњиќ.
Продуцент и координатор на проектот е актерот Бобан Алексоски.
Претставата финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам, „Хартфакт“ (Heartefact) – Култура за развој – проект од Швајцарската амбасада, како и од Италијанската амбасада во Скопје.
– Пјер Паоло Пазолини и неговата „Теорема“ за првпат се работат во Македонскиот театар воопшто. Пазолини бил еден од највлијателните интелектуалци во повоена Италија – иако многумина надвор од Италија го познавале само како одличен кинематограф, тој е еден од најголемите италијански поети на својата генерација. Но тој бил и романсиер, драматург, литературен критичар, политички колумнист и сликар – велат од екипата на независниот театар „Златен Елец“.
„Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, во режија на Тамара Стојаноска, беше претходната премиера на театарот „Златен Елец“ оваа година.

































