- Новиот првак ќе биде Норис, Ферстапен или Пјастри. Не се случува често тројца возачи да влезат во последната трка на сезоната со шанса да го освојат шампионатот. „Би-би-си“ се осврна на седум претходни ситуации кога се случило тоа
Шампионатот во Формула 1 (Ф1) за годинава се сведе на трка меѓу тројца пред последната трка од сезоната, утре во Абу Даби (од 14 часот), а во конкуренција се Ландо Норис, Макс Ферстапен и Оскар Пјастри. Британецот Норис води со 12 бода повеќе од Ферстапен, кој се стреми кон петта последователна титула, а Пјастри има четири поени помалку од Ферстапен. Норис и Пјастри се тркаат за својата прва титула во Ф1. Не се случува често тројца возачи да влезат во последната трка на сезоната со шанса да го освојат шампионатот. „Би-би-си“ се осврна на некои претходни ситуации кога се случило тоа.
- Првото Светско првенство во Ф1 се реши во последната трка на сезоната, во Монца, а во конкуренција беа Хуан Мануел Фанџо, Џузепе Фарина и Луиџи Фаџоли. Пред почетокот на трката, Аргентинецот Фанџо водеше пред Италијанците Фаџоли, со два бода, и Фарина, со четири бода. Механичките проблеми го сопреа Фанџо, Фарина победи и го обезбеди трофејот во првото првенство, а Фаџоли беше на третото место и во трката и во генералниот пласман. Фанџо потоа освои пет титули од 1951 до 1957 година и се смета за еден од најголемите возачи на сите времиња во Ф1.
l Австралиецот Џек Бребам го предводеше шампионатот пред трката за големата награда на САД во 1959 година, а Британците Стирлинг Мос и Тони Брукс уште беа во конкуренција. Мос, кој беше втор, требаше да победи или да биде втор, а Брабам да биде зад него, додека Брукс мораше да победи за да има каква било шанса. Мос водеше од пол-позицијата, но се повлече поради скршен менувач, предавајќи му ја иницијативата на Брабам, кој го следеше својот ривал на кратко растојание. Бребам водеше речиси до целта, пред да остане без гориво во последниот круг. Брукс го престигна за третото место, но Бребам го освои четвртото место и првата од неговите три светски титули. Тоа беше и првата титула освоена во автомобил на Формула 1 со заден мотор, пишува „Би-би-си“. - Џон Сертис стана единствениот човек што освои светски титули на две и на четири тркала со титулата во Формула 1 во 1964 година. Тој заостануваше пет поени зад сонародникот Англичанец Греам Хил пред одлучувачкиот пресврт во Мексико, а Шкотланѓанецот Џим Кларк беше трет, со уште четири поени помалку. Хил, шампионот од 1962 година, беше сопрен поради судир, а Кларк потоа беше на пат да победи откако доминираше, но беше принуден да застане во последниот круг поради истекување масло. Сертис го освои второто место што му ја донесе титулата со еден поен разлика пред Хил.
- Во 1981 и во 1982 година, трката во Лас Вегас беше организирана на патека изградена на паркингот на хотелот „Цезар Палас“, пишува „Би-би-си“. Во 1981 година, Карлос Ројтеман имаше предност од еден поен пред Нелсон Пике, а и Жак Лафит беше во конкуренција. Французинот Лафит требаше да биде прв или втор за да има шанса, во време кога само првите шест возачи освојуваа поени, но Аргентинецот Ројтеман изгледаше добро подготвен кога ја обезбеди пол-позицијата. Сепак, тој падна во пласманот во текот на трката, па беше осми, и беше престигнат од победникот на трката и тимски колега Алан Џонс. Бразилецот Пике се врати на петтото место, освојувајќи ги двата бода што му беа потребни за да го престигне Ројтеман, а Лафит беше шести.
- Денот кога соништата на Најџел Менсел, како неговата лева задна гума, се распаднаа. Британецот влезе во трката во 1986 година во Аделаид знаејќи дека третото место ќе му ја обезбеди титулата. Со девет поени што се нудат за победа на трка, Ален Прост, шампион од 1985 година, заостануваше шест поени, а Нелсон Пике уште седум. Менсел беше сигурен на тоа трето место, зад Пике и Прост, на 19 круга до крајот кога неговата гума експлодира по патеката. Вилијамс го повика Пике да му ги смени гумите како мерка на претпазливост против истото тоа, Кеке Розберг се откажа од водството поради дупната гума кратко пред драмата на Менсел. Тоа му овозможи на Французинот Прост да победи и да обезбеди две последователни титули, а Менсел мораше да чека до 1992 година пред да ја освои титулата.
- Веројатно, тоа требаше да биде титула на Луис Хамилтон во неговата неверојатна дебитантска сезона, во 2007 година, но сѐ тргна наопаку за Британецот во последните две трки, пишува „Би-би-си“. По победата во Јапонија, тој водеше пред Фернандо Алонсо, со 12 поени повеќе, а Кими Раиконен имаше 17 поени зад него. Тогаш возачите добиваа 10 поени за победа во трка. Во Кина, Хамилтон се излизга поради истрошени гуми, а на финалната трка во Бразил, лошиот старт проследен со проблем со хидрауличен вентил, поради што остана заглавен во четврта брзина 25 секунди, го остави на крајот од групата. Иако се бореше и се врати на седмото место, што му донесе два бода, му требаше да биде петти за да биде шампион. Финецот Раиконен ја освои титулата со победа на последните две трки, а Алонсо се пласира на третото место и во трката и во шампионатот.
- Во 2010 година, всушност, тоа беше трка меѓу четворица во Абу Даби, иако Хамилтон имаше најмали шанси, бидејќи имаше 24 бода помалку од лидерот Алонсо пред последната трка со уште двајца возачи меѓу нив на табелата. Шпанецот Алонсо имаше предност од осум поени пред Марк Вебер, а Себастијан Фетел беше трет, 15 поени зад него. Седмото место на Алонсо и осмото на Вебер му овозможија на Фетел да ги надмине двајцата за да го освои трофејот во Формула 1 таа година, пишува „Би-би-си“. Н.М.
































