Британскиот крал Чарлс изјави дека Велика Британија и Германија се подготвени да „ја поддржат Европа во услови на закана од натамошна руска агресија“.
Зборувајќи на државниот банкет во чест на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кралот го пофали заедничкиот одбранбен договор меѓу двете земји, нарекувајќи го „уникатно партнерство во срцето на НАТО“, пишува Скај њуз.
На почетокот од тридневната државна посета, Штајнмаер рече дека двете земји „работат заедно за да ја промовираат безбедноста и одбраната, рамо до рамо за слободна, мирна Европа… со поддршка на Украина“.
Ова е прва државна посета на германскиот лидер на Велика Британија по 27 години, а околу 160 гости присуствуваа на банкетот во салата „Сент Џорџ“ во Виндзор, опкружена со елка украсена со 3.000 лампиони.
Во текот на вечерта, кралот се пошегува за нивната заедничка љубов кон фудбалот, наведувајќи дека „на крајот Германците победуваат“.
Штајнмаер и неговата сопруга Елке Буденбендер беа пречекани од кралот Чарлс и кралицата Камила во Виндзор.
Германскиот претседател се сретна и со британскиот премиер Кир Стармер на тркалезна маса на бизнис лидери од двете земји, како дел од проектот за електрични возила вреден повеќе од 20 милиони евра, предводен од Мерцедес, што ќе создаде 150 работни места во Нортхемптоншир и Оксфордшир.
Во јули, Германија и Велика Британија го потпишаа Договорот од Кенсингтон, а Стармер рече дека земјите „ќе соработуваат уште потесно“.
Тој рече дека односите меѓу двете земји се во „многу, многу силна позиција“ и дека партнерството е клучно за прашања како што се Украина, миграцијата, економскиот раст и трговијата.
Штајнмаер денеска ќе положи цвеќе на гробот на кралицата Елизабета Втора во капелата „Сент Џорџ“ во Виндзор, а подоцна ќе се обрати пред британскиот Парламент.


































