Фото: Општина Битола

ПРОМОВИРАН РЕСУРСЕН ЦЕНТАР ЗА РАЗВОЈ НА ОПШТИНИТЕ

  • Со воспоставувањето на Ресурсниот центар започнува ново поглавје во поддршката на локалниот развој, кое ја потврдува определбата дека напредокот започнува на локално ниво. Ресурсниот центар е јасен доказ дека Македонија ја гради својата иднина врз темели на современо управување, транспарентност и ефикасност

Министерството за локална самоуправа го промовираше Ресурсниот центар за развој на општините. Со воспоставувањето на Ресурсниот центар започнува ново поглавје во поддршката на локалниот развој, кое ја потврдува определбата дека напредокот започнува на локално ниво.
– Владата има програма, а Министерството за локална самоуправа работи на реализација на конкретни мерки. Градиме концепт за синергија на сите расположливи ресурси во државата што ќе бидат ставени во функција на општините. Ресурсниот центар е местото што ги адресира потребите на општините, начините за нивно решавање, местото што ќе понуди експертиза за секој нов предизвик – вели Златко Перински, министер за локална самоуправа.
Ресурсниот центар е јасен доказ дека Македонија ја гради својата иднина врз темели на современо управување, транспарентност и ефикасност.
– Проектот има цел да ги адресира длабоките системски предизвици – преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура. Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати – вели премиерот Христијан Мицкоски.
Иницијативата за центарот произлегува од Националната развојна стратегија, највисокиот долгорочен стратешки документ на нашата држава, чија визија веќе се претвора во конкретни политики, реални проекти и мерливи резултати.
– Создавањето на овој центар не е само институционален чекор, тоа е силна порака дека веруваме во капацитетите на локалните заедници, дека ја цениме нивната автономија и дека ја градиме иднината врз основите на меѓусебна поддршка и доверба – вели генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
Од Министерството за локална самоуправа велат дека Швајцарија е партнер во поддршката на процесите на децентрализацијата и регионалниот развој во Македонија, со цел секој граѓанин каде и да живее и без разлика на неговите околности да има пристап до можности, услуги и подобар квалитет на живот.
– Додадената вредност од нашата соработка не произлегува само од финансиската поддршка туку и од принципите и нормите врз кои се темелиме: инклузивност, транспарентност, отчетност и одржливост. Заедно настојуваме да обезбедиме реформите да не бидат привремени решенија, туку трајни трансформации што ги зајакнуваат институциите и луѓето. Овој Ресурсен центар е јасен пример за тие вредности – вели швајцарскиот амбасадор Кристоф Зомер.
Поддржувач на имплементацијата на иницијативата за ресурсен центар е УНДП.
– Со години УНДП соработува со Министерството за локална самоуправа, поддржувајќи ја децентрализацијата во земјата. Денес, задоволни сме што сме сведоци на посветеностa на Владата за унапредување на работата на општините и зајакнување на темелите на локалната самоуправа. Таквата децентрализација дава видливи резултати: јакнење на општините, подобрување на јавните услуги и поттикнување инклузивен економски раст. Исто така, го зајакнува локалното управување како клучен двигател за постигнување на целите за одржлив развој – велат од УНДП.


Средбите на централната власт со градоначалниците и советниците даваат јасна слика за потребите на општините

Во рамките на карванот „Каде што срцето е дома“, министерот за локална самоуправа Златко Перински, заедно со заменик-министерот Ерџан Селими, оствари средба со градоначалникот на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и со претставници на Советот на Општината.
На средбата со градоначалникот Мицевски беше разгледана динамиката на спроведување на проектите одобрени во рамките на вториот јавен повик од потпрограмата АА за инфраструктурни проекти во општините. Општина Сопиште, преку двата јавни повика, доби поддршка за 11 проекти, со вкупна вредност од 54.016.646 денари.
На средбата со советниците се разговараше за клучните активности на Министерството, како и за воспоставениот ресурсен центар за поддршка на општините.
– Во рамките на центарот веќе се подготвуваат неколку прирачници што ќе им ја олеснат работата на новоизбраните градоначалници – нагласи министерот.
Министерот Перински го презентираше прирачникот „Патоказ за ефикасно локално управување“, изработен како еден од првите продукти на ресурсниот центар. Документот е осмислен да им даде јасна поддршка на новите градоначалници во почетниот период од мандатот преку конкретни чекори, препораки и насоки за клучните процеси и додаде дека ќе биде доставен до сите градоначалници низ државата.
Перински најави и дека е во тек развојот на дигитална алатка преку која општините ќе можат лесно и брзо да побараат поддршка, да преземат корисни документи за секојдневната работа, да се информираат за новитети од нивен интерес и директно да комуницираат со Министерството за локална самоуправа.
– Она што го презентираше министерот само ја потврдува вредноста на прирачникот како документ што ќе ни ја олесни работата и ќе нè води низ процесите – истакна Мицевски.
Министерството за локална самоуправа продолжува со активните посети на општините, со цел директно да разговара со градоначалниците и советниците во општините.