Засилената дипломатска активност за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина забрзува и други процеси
- Тоа за Македонија може да биде исклучително добра вест имајќи го предвид новиот развој на настаните во Бугарија, кој би можел да ја втурне земјата во нова длабока политичка криза. Во една таква констелација, македонската страна тешко ќе може да се надева на некакви директни разговори со бугарската страна за надминување на разликите, така што сега сите очи се свртени кон Брисел и неговите „креативни решенија“ поврзани со ветото
Како што се интензивираат средбите на високо ниво за постигнување конечно решение за ставање крај на руско-украинскиот конфликт, сѐ почесто се слуша дека европските челници работат на механизмите како да го забрзаат патот на Украина и Молдавија кон Европската Унија.
Дипломатски извори во Брисел ниту потврдуваат ниту демантираат дека подолг период експертски тимови и разни аналитички центри изготвуваат некакви решенија со кои би се бајпасирало потенцијалното вето за приемот пред сѐ на Украина, па планот е целото проширување да се случи во пакет, заедно со земјите од Западен Балкан, па на тој начин да се избегне опструирањето на процесот од страна на актуелните земји членки што не сакаат Украина сама да влезе пред сите други.
Тоа за Македонија може да биде исклучително добра вест имајќи го предвид новиот развој на настаните во Бугарија, кој би можел да ја втурне земјата во нова длабока политичка криза. Во една таква констелација, македонската страна тешко ќе може да се надева на некакви директни разговори со бугарската страна за надминување на разликите, така што сега сите очи се свртени кон Брисел и неговите „креативни решенија“ поврзани со ветото.
Интензивно се работи на модалитетите за проширување
Неодамна српските медиуми обелоденија дека постои некаков наводен нацрт-извештај за стратегијата за проширување на Европската Унија, во кој се нагласува оти нерешените билатерални прашања меѓу земјите членки и оние што претендираат да се зачленат во Унијата треба да се решаваат билатерално, односно не треба да се користат како средство за притисок и за блокирање на процесот на пристапување на земјите кандидати. Тоа пред извесно време го истакна и првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Директорот на Институтот за европски студии, Слободан Зечевиќ, во гостување на државната српска телевизија РТС истакна дека документот, кој засега не е потврден, е поволен за прием на нови членки во ЕУ.
– Мојот впечаток е дека ЕУ сака да ги покаже сите предности на членството и да го олесни во наредниот период. Многу е важно билатералните проблеми што ги имаат земјите, и оние што се членки и оние што не се, да не можат да послужат како блокирање на приемот на нова членка. Документот сега нагласува дека не е поволно само за земјата кандидат да биде примена во ЕУ туку и за самата Унија, бидејќи тоа придонесува за мир, стабилност и економски развој – вели Зечевиќ, според кого, тоа би значело дека Хрватска и Бугарија нема да можат да ја блокираат Србија на нејзиниот пат кон ЕУ.
Според него, европскиот блок треба да се прошири на целиот континент за да придонесе за економска стабилност и безбедност.
– Мислам дека ЕУ сфати дека треба да се прошири на целиот континент за да придонесе за економска стабилност и безбедност – посочува Зечевиќ, додавајќи дека процесот на проширување станал стратешки важен за ЕУ како целина.
Ограничени права со обврски за исполнување на критериумите
Од друга страна, црногорскиот весник „Вијести“, повикувајќи се на добро информирани извори вклучени во црногорските пристапни преговори со Брисел, пишува дека на новите членки ќе им биде ускратено правото на вето исклучиво за прашања поврзани со идното проширување.
– Идните членки на Европската Унија нема да имаат право на вето само за едно прашање што го имаат старите, можноста да го блокираат процесот на преговори на другите земји кандидатки за членство во ЕУ. Ограничувањето ќе важи за сите кандидати од Западен Балкан, како и за Украина и Молдавија – пишува весникот.
Како што наведува изданието, станува збор за стар германски предлог што веќе е усвоен од голем број земји членки и практично постои консензус во Унијата дека оваа мерка треба да биде вклучена во Договорот за пристапување на Црна Гора. Албанскиот премиер Еди Рама веќе сигнализираше дека Тирана нема да има проблем да се откаже од правото на вето за проширување и дури би бил подготвен да го стори тоа.
Голем број дискусии се развија околу ограничувањето на правото на вето, но во суштина тоа би се свело само на неблокирање на земјите што сакаат да пристапат во ЕУ, а не и за други прашања. Дипломатски извори посочуваат дека ако ветото се одземе и за други прашања, тогаш би се нарушил принципот на еднаквост и на тој начин би се поткопале темелите на ЕУ. Одредени европски земји се залагаат за слични ограничувања поврзани со употребата на ветото да опфатат и други сектори, но на нив се спротивставува силен блок земји, поддржан од мислењето на водечките експерти за европско право.
Како што наведува „Вијести“, првата фаза од заштитните мерки ќе се однесува на периодот на ратификација – од потпишувањето на договорот за пристапување до формалниот влез на новата земја. Втората фаза ќе биде привремена и ќе се применува и по членството. Нема да има трајно одземање на правата, туку ограничување за период од најмалку шест месеци до неколку години. Брисел ги гледа мерките како гаранција дека усвоените закони и реформи ќе бидат спроведени ефикасно и квалитативно според европските стандарди. Најмногу вакви барања се очекуваат во областите на владеењето на правото, борбата против корупцијата, организираниот криминал и перењето пари – области каде што фактичката имплементација обично трае подолго.
Приемот на Украина е приоритет, сите други само ќе ја искористат ситуацијата
Добро информирани извори од Брисел се категорични дека се работи на повеќе модалитети за избегнување на ветото, но крајната цел на сите нивни напори е како Украина да не биде блокирана на нејзиниот пат кон ЕУ.
– Плановите врз кои се работи не се за земјите од Западен Балкан, ниту, пак, за Црна Гора или Албанија, кои се отидени најдалеку во процесот на пристапување, туку фокусот е исклучиво на Украина. Извесно е дека Унгарија и Словачка, а не е исклучено и Полска, да стават вето на брз прием на Украина, па затоа Брисел размислува проширувањето со Украина да го направи во пакет и со ограничени права. На тој начин нема да има отпор кај постарите земји членки околу проширувањето, а од друга страна, новите земји членки ќе имаат долг период да ги исполнат потребните критериуми пред да станат еднакви со другите. Тоа за нив треба да биде мотив повеќе да работат, а ЕУ ќе ги има под своја директна контрола. Затоа се разгледува варијанта да се ограничи употребата на вето за проширувањето, не само за земјите што би станале нови членки туку и за актуелните земји членки. Гледаме како Бугарија ја блокира Македонија, Хрватска чека поволен момент да го направи тоа со Црна Гора, а Грција ја чека Албанија да влезе во фотофиниш пред зачленување за да ги дорасчисти поморските граници и иредентистичките тенденции што ги пројавува албанското малцинство во оваа земја. Со други зборови, пристапниот процес е мошне комплициран ако пристапува една земја по друга земја, особено со вакви испреплетени релации на Балканот. Сега одеднаш ЕУ сака прекутрупа да ги прими Украина и Молдавија, кои не само што не се на ниво на подготвеност како земјите од Западен Балкан туку се во крајно безбедносно комплицирана ситуација. Затоа извесни аналитички центри работат на план на групно проширување со сите земји, за да се избегне ветото од некоја од земјите членки. Како и да е, ако брзо се случи да биде постигнат мир во Украина, Европа ќе мора брзо да дејствува за да го заокружи процесот на проширување и да почне внатрешно да се реструктурира бидејќи пред неа претстојат сериозни предизвици, од воспоставување нова европска одбранбена структура без потпирање на САД, преку сериозни финансиски импакти во обновата на украинската инфраструктура – заклучуваат аналитичарите.


































