Фото: МИА

Потребни се законски измени, институционални измени и измени во свеста на луѓето, порача денеска претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која по повод 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост го посети Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ Скопје, кое неодамна го одбележа својот 70-годишен јубилеј.

Таа посочи дека во светот има околу 15 отсто лица со посебни потреби или со попреченост и кај нас има сличен процент и тоа, како што нагласи, е многу релевантна бројка за посебна грижа.

Претседателката потсети на вчерашната свеченост на доделувањето на признанијата „Абилити авордс 2025“, каде присуствуваше и додаде оти ја потсетиле дека е професорка по уставно право.

– Принципот на правична и соодветна застапеност што е гарантиран со уставните измени од 2001 година мора да се применува, без да се повреди принципот кога се однесува на етничката припадност, но мора да го имаме предвид и во поглед на категоријата на лица заради која денеска сум овде – рече Силјановска-Давкова. Истакна дека при доделувањето на наградите виделе различни способности, ум, креација, успеси…

– Зошто тогаш да не ги отвориме вратите на сите институции, токму за оваа категорија на луѓе, оти тоа не е само заради личниот развој, туку е заради развојот на ова општество. Тоа е најважното. Второ – мора да се зголеми бројот на училишта од ваков тип бидејќи овде гледаме дека меѓу останатото има и дом во кој доаѓаат лицата од внатрешноста на државата. Доколку има повеќе, во повеќе градови, тогаш е полесно и за семејствата и за самите ученици, оти дома си е дома. Така ќе има и поголемо вработување, така ќе има и поголема грижа бидејќи ако во неколку општини имаме регионални центри од ваков тип, тоа ќе им го олесни животот на лицата со попреченсоти, со посебни потреби, а исто така и ќе овозможи подобра грижа за нив од наставниците оти тоа го заслжуваат – изјави претседателката.

Амбиентот, како што рече, е тој кој отвора можност за сите нас без оглед на разликите, да го покажеме, да го докажеме она што го имаме.

– Бројката сите нас не потсетува дека треба да сториме се за да може да озвозможиме еднаквост во шансите и да им овозможиме и тие со своето знаење и умешност да се адаптираат и да бидат успешни – рече Силјановска-Давкова.

Претседателката информира дека со директорката на Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ Скопје Слободанка Џеповска разговарале дали е поисплатливо во рамки на средните училиштата што ги имаме, ако во нив има лица кои го знаат говорниот јазик, тогаш може овие ученици целосно да бидат интегрирани со тоа што ќе имаат можност она што се предава да го следат преку говорниот јазик.

– Тоа е добро и ќе ја потврди тезата дека сите се исти само што на различен начин стигнуваат до целите. Тогаш и свеста кај останатите за природноста на разликите и за нелогичноста да бидат третирани како пречки, туку можеби се предности или друг начин на изразување на способностите, ќе го интегрира општеството, ќе стане кохезивен елемент – рече претседателката Силјановска-Давкова.

Силјановска-Давкова го посети училиштето, кабинетот по машинска струка, погледна инклузивна претстава подготвена од учениците, ја посети мултисензорната соба и доби благодарница од овој центар.

Директорката на Државното средно училиште со ресурсен центар „Партенија Зографски“ Скопје Џеповска информира дека сите вработени безрезервно даваат љубов, посветеност, поддршка, внимание и верба во секој ученик. Изрази благодарност до родителите и учениците.

– Во делот на образованието направен е голем исчекор зошто навистина учениците во нашиот центар добиваат изучување на различни струки и занимања, добиваат и вертикална проодност, односно може да се запишуваат на факултетите и тоа го прават. Добар дел од нив имаат завршено високо образование, а дел од нив се наши колеги. Глувите лица имаат отворено и сопствен бизнис, кој убаво го работат и беа наградени на вчерашната церемонија. Во делот на образовнието комплетно се опфатени – рече Џеповска.

Таа информира дека наставата се изведува на знаковен јазик, за која сите се обучени и тоа можат да го работат. Во овој момент немаат потреба од кадар, просториите се големи и додаде оти надвор од училишниот центар работат образовни асистенти.

Во просек училиштето го посетуваат 50 ученици годишно, кои се од цела држава.