Минатата недела успешно заврши реализацијата на проектот „Алгоритамски пејзажи на Скопје“, иновативен интердисциплинарен проект што обединува урбана фотографија и вештачка интелигенција (ВИ) во создавање нови дигитални интерпретации на културни објекти и урбани локации во Скопје. Проектот е дел од пошироката иницијатива „Алгоритамски пејзажи“, а има цел развој на одржлива креативна платформа што ќе поттикне идни уметнички и технолошки иницијативи, ќе ја засили видливоста на градот и ќе охрабри критичко согледување на урбаната средина.
Во рамките на проектот беа организирани едукативни работилници посветени на урбана фотографија, визуелно документирање јавни простори и нивна креативна обработка со ВИ-алатки. Во програмата учествуваа млади и мотивирани учесници, студенти, креативни професионалци и ВИ-ентузијасти, кои под менторство на Бранко Ристовски и Илија Тирицовски во текот на изминатите четири недели изработија значајна колекција урбани фотографии и нивни ВИ-интерпретации од различни скопски локации.
Дел од работата на учесниците е објавена во дигитална онлајн галерија, достапна на следниот линк: instagram.com/algoritamski_pejzazi
Проектот е во реализација на „Флатформ Филм“, со поддршка на Министерството за култура и туризам, а во соработка со интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ од Скопје.

































