Европскиот блок наместо да деескалира, размислува за уште поагресивна политика
- Се тврди дека агресивната промена во политиката на Европската Унија кон Русија е одговор на неодамнешните упади на беспилотни летала во воздушниот простор на нејзини земји членки, кои Брисел ѝ ги припишува на Москва, но истовремено тоа се толкува и како потег што би можел да ја продолжи војната во Украина, наспроти мировните разговори предводени од САД
Европската Унија разгледува низа офанзивни стратегии насочени против Русија што опфаќаат офанзивни сајбер-операции, објавува „Политико“. Имено, продолжувањето, па дури и засилувањето, на агресивните милитантни политики на Брисел во јавноста се толкува како потег што би можел да ја продолжи и да ја продлабочи војната во Украина наспроти мировните разговори предводени од САД.
„Политико“: Европа ќе се обидува воено да дејствува во мера што нема да
предизвика отворен воен судир со нуклеарна Русија
По распоредувањето 10 илјади војници за заштита на таканаречената критична инфраструктура на Полска, по оштетувањето на железничката линија што ги поврзува Варшава и Киев, полскиот премиер Доналд Туск во петокот директно и без презентирани докази ја обвини Москва за вмешаност во „државен тероризам“. По инцидентот, шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, рече дека ваквите закани претставуваат „екстремна опасност“ за блокот, тврдејќи дека мора „да има силен одговор“ на нападите. Но забелешка на анализите во „Политико“ е дека сепак ЕУ „се обидува да дејствува во мера што нема да предизвика отворен воен судир со Русија“.
– Европа, сепак, не сака војна со нуклеарно вооружена Русија и затоа мора да открие како да одговори на некој начин, но да не ги премине црвените линии на Кремљ што би можеле да доведат до отворена војна – наведува „Политико“.
Според медиумот, досега, одговорот на ЕУ беше под плаштот на „зајакнување на одбраната“. Откако воени беспилотни летала беа соборени над Полска, НАТО соопшти дека ќе ја зајакне воздушната одбрана на источното крило на алијансата, што го прифаќа и ЕУ. Германија и Романија, на пример, ги зајакнуваат прописите што би овозможиле соборување беспилотни летала над аеродромите и воено чувствителните објекти.
– Алијансата треба да им даде приоритет на демонстрации на сила што илустрираат моќ и единство – рече Оана Лунгеску, поранешна портпаролка на НАТО и членка на лондонскиот истражувачки центар „Кралскиот институт за обединети услуги“.
Во пракса, тоа значи брзо објавување дали Москва стои зад хибриден напад и спроведување воени вежби „без претходна најава“ на руската граница со Литванија или со Естонија.
План од 125 страници за воени ангажмани на ЕУ
Центарот за извонредност за справување со хибридни закани поддржан од НАТО во Хелсинки, Финска, што ги обединува сојузничките претставници, во меѓувреме „обезбедува експертиза и обука“ и изготвува „политики за справување со закани“, како што истакна Мартен тен Волде, виш аналитичар во организацијата.
Минатата недела, италијанскиот министер за одбрана Гвидо Кросето ја критикуваше „инерцијата“ на континентот во услови на „растечки хибридни напади“ и откри план од 125 страници на ЕУ. Во него тој предложи формирање европски центар за борба против хибридното војување, сајбер-сила од 1.500 војници, како и воен персонал специјализиран за вештачка интелигенција.
Во меѓувреме, националните безбедносни служби можат да работат во правна „сива зона“. Сојузниците од Данска веќе дозволуваат офанзивни кибероперации. Велика Британија наводно хакирала мрежи (на ИСИС) за да добие информации за програма за беспилотни летала во рана фаза.
Според Филип Бријка, политиколог и експерт за хибридни закани во Полската академија на науките, „во пракса, земјите би можеле да користат сајбер-методи за целење на системи што ќе ѝ наштетат на Русија, како што е економската зона Алабуга во Татарстан во источноцентрална Русија. Р.С.
Генералниот секретар на НАТО, отфрлајќи го предлогот за мировен договор на Москва и Вашингтон, најави дополнително вооружување на Киев
Руте ќе ги полни со муниција празните цевкина европските оружја
Генералниот секретар на Алијансата, Марк Руте, отфрлајќи го предлогот за мировен договор предложен од Москва и Вашингтон, изјави и дека Москва нема право да одобри или да блокира за тоа кој да биде член на НАТО, мислејќи на Украина.
– Русија нема ниту право на глас ниту право на вето за тоа кој може да биде член на НАТО. Основачкиот Вашингтонски договор на Алијансата „ѝ дозволува на секоја земја во евроатлантската област да се приклучи“ – рече Руте во интервју за „Ел паис“ и германскиот медиум „РНД“.
Коментарите на Руте следуваат по предлогот предводен од САД за прекин на целосната војна на Русија, што вклучува одредба дека НАТО се согласува „оти нема да ја прифати Украина во ниту еден момент како членка во иднина“. Имено, алтернативниот европски предлог ја отфрла идејата за дистанцирање на Украина од НАТО.
Но, сепак, сојузниците од НАТО се двоумеа да издадат итна покана за Украина да ѝ се приклучи на воената алијанса. За потсетување, некои од членките на НАТО минатата година се согласија дека кандидатурата на Киев е „неповратна“ и Руте го повтори тоа и во оваа пригода, но не го издвои фактот дека тогаш постоеше отворено противење на американскиот претседател Доналд Трамп и на други земји членки за кандидатурата на Украина за НАТО.
Руте, исто така во оваа пригода, рече дека „Алијансата ќе испорача оружје во вредност од вкупно пет милијарди долари за Украина како дел од шемата предводена од НАТО, во која европските сојузници купуваат американско оружје за Киев, до крајот на годинава“.
Единаесет земји досега придонесоа во пет пакети од 500 милиони долари како дел од таканаречената програма ПУРЛ, а шестиот пакет се очекува во наредните денови. Р.С.

































