Бебе што бега од диносаурус со песна на Лејди Гага во заднина. Жени што се натпреваруваат која ќе го исчисти тепихот прва. Мачки што танцуваат на задните нозе… Такви нешта до неодамна беа само дел од нашите соништа, чија содржина и порака не успеавме да ги дешифрираме, но денес тоа е реалност. Станува збор за генерирана содржина со вештачка интелигенција на социјалните мрежи, на кои технолошките гиганти нè воведуваат во нова ера. „Мета“ и „ОпенАИ“ се обидуваат да ги претворат социјалните мрежи во лаборатории на вештачка интелигенција, но досега сè изгледа малку хаотично. Станува збор, изгледа, за нова, хибридна форма на социјалните мрежи, а дури ни нејзините креатори не ја разбираат целосно.
Новата апликација на „ОпенАИ“, Сора, е најновиот обид во трката за превласт на „ВИ на социјалните мрежи“. На Инстаграм, пак, корисниците можат да разговараат со ВИ-ликови во приватни пораки, додека Тикток претвора обични слики во видеа врз основа на едноставни команди. Јасно е дека технолошките гиганти сакаат вештачката интелигенција да стане нов мотор на социјалните мрежи и за заработка. Но веќе првите обиди донеле повеќе проблеми отколку решенија: од кражби на содржини до уште поголем бран лажни вести.

Лансирањето на Сора 2 беше проследено со низа видеа

Само неколку дена по претставувањето на Сора, Чарлс Ривкин, директор на здружението „Моушн пикчр“, го обвини „ОпенАИ“ дека на платформата се појавуваат многу видеа што го кршат авторското право на членовите на здружението, вклучувајќи познати филмови, серии и ликови. Сем Алтман, извршен директор на „ОпенАИ“, одговори на тие критики нагласувајќи дека авторите наскоро ќе имаат поголема контрола врз начинот на кој се генерираат нивните ликови и дека компанијата размислува за модел за делење приходи. Доколку во промптот за Сора внесете име на заштитени ликови како Пикачу или Спанч Боб, системот денес враќа порака за грешка: „Содржината може да го крши правилото за сличност со материјали од трети страни“. Лансирањето на Сора 2 беше проследено со низа видеа генерирани од АИ, при што самата Сора претстави нова реалност во која „нереални“ видеа стануваат центар на нашите дигитални животи. Напредните алатки како Сора повторно ја отворија старата расправа за лажни вести на интернет, само што овој пат лагите се визуелно поубедливи повеќе од кога било претходно.
Сора може да создава многу убедливи видеа, а како што покажа истражувањето на порталот „404 Медиа“, водените жигови, кои означуваат дека содржината е генерирана од ВИ се лесни за отстранување. „ОпенАИ“ тврди дека сите видеа од Сора се означени со C2PA-метаподатоци, стандард што го бележи потеклото на датотеките. „Мета“, пак, користи невидливи водени жигови и ВИ -ознаки за да ја следи потенцијално штетната содржина.

Загриженоста за тинејџерите и менталното здравје

Истовремено расте загриженоста за влијанието на ВИ-четботовите врз младите. По повеќе тужби против апликацијата во кои се наведува поврзаноста на ВИ-четботовите со депресија и самоубиства меѓу тинејџерите, големите компании најавија засилени безбедносни мерки. „ОпенАИ“ вели дека Сора содржи „поголема заштита за помладите корисници“, вклучувајќи забрана за генерирање содржина за возрасни и оневозможување комуникација на возрасни со малолетници, а „Мета“ соопшти дека користи алгоритми што спречуваат сомнителни возрасни лица да гледаат или да коментираат содржина на тинејџери.
Многумина се прашуваат дали корисниците воопшто сакаат ваква ВИ-содржина на Сора и „Мета“ да ги преплавува, бидејќи тешко дека тоа предизвикува желба за бескрајно скролање. Дополнителна конфузија создава фактот дека корисниците на апликацијата Мета АИ не биле свесни дека нивните прашања – вклучувајќи лични теми, како здравје или права – може да се појават во јавно.
„Мета“ подоцна појасни дека приватните пораки се приватни по дифолт и се споделуваат само ако корисникот јасно го избере тоа. Ниту Сора ниту Мета АИ не се замислени како класични платформи за пасивно скролање, туку како алати што охрабруваат создавање, односно користење на нивните ВИ-состави.