- Збирките не се само материјално богатство тие се дел од историјата, од начинот на живеење на еден народ, од културното и духовното наследство, но тие се и чувари на духот на оној што со љубов ги собирал, вели Викторија Васева Димеска
Македонскиот КИЦ во Белград, до 29 ноември, е организатор и домаќин на изложбата „Откритија“, прва од серијата изложби посветени на македонски ликовни уметници, чии дела се наоѓаат во приватни белградски колекции. На оваа изложба, ќе бидат претставени 14 дела од македонски ликовни уметници, меѓу кои и дела од основоположниците, кои се сопственост на приватната колекција на слики на г. Игор Станковиќ.
Станува збор, за мали ремек-дела на големите мајстори на македонската ликовна уметност, за кои македонската стручна и ликовна јавност многу малку знае, бидејќи, освен во Галеријата на САНУ во Белград, овие дела, во најголем дел, ретко или никогаш, не биле изложувани во нашата држава.
– Сѐ поголемата отвореност на приватните колекции и нивната достапност е од непроценлива помош при евидентирањето на делата, датирањето, споредбите, особено за можноста тие да бидат изложени на проблемски, тематски, монографски… изложби. Тоа е и голем придонес во проучувањето на историјата на уметноста на одредена почва. Излагањето на збирките во приватни аранжмани, ги отвори вратите и ја проблематизира потребата од нивното презентирање и во државните институции. Секако, овој транспарентен начин на соработка со богатствaтa што се под закрила на приватните амбиенти, дава можност да се откријат, да се пронајдат, непознати податоци што можат да предочат одредени пропусти или некои поместувања во постојните теоретизирања – пишува во каталогот за изложбата, историчарката на уметноста, г-ѓа Викторија Васева Димеска.
Сите автори застапени во оваа колекција се еден хронолошки патопис и дел од историјата на македонската ликовна уметност. Во нив е вткаена широка палета на ракописи, од граѓанскиот портрет на Папрадишки, сочната палета на Личеноски, извонредниот цртеж и суптилните тонски соодноси на Мартиноски, хармоничните колористички конструкции на Коџоман, силната колористичка екстаза и извонредната композиција на Петар Мазев, религиозниот занес со возвишените остварувања на византиската уметност на Глигор Чемерски, преку лирските, екстатичните сцени од длабочините на човечката психофизичка егзистенција на Владимир Георгиевски, имагинарните, романтични сцени и амбиенти на Рубенс Корубин, звукот на пораката за изгубените простори на сеќавањата во мирисот на глуварките на Танас Луловски, геометриската апстракција на Ѓоко Матевски, придушената гама на Весна Бајалска…
Збирките не се само материјално богатство тие се дел од историјата, од начинот на живеење на еден народ, од културното и духовното наследство, но тие се и чувари на духот на оној што со љубов ги собирал, дополнува Викторија Васева Димеска.
Иницијатор и домаќин на овој несекојдневен ликовен настан во организација на нашиот КИЦ во Белград е директорот Васко Шутаров.
Овој проект, кој е само почеток на една поголема и повеќегодишна активност за презентирање на сите поважни дела од македонски ликовни автори што се наоѓаат во белградски приватни колекции, е поддржан од Министерството за култура и туризам. С.Ј.


































