ШАХ – 38. „ТРОФЕЈ НА БЕЛГРАД 2025“

  • По четири кола, Станојоски, Лајтхајм и Петровиќ имаат по максимални четири поени

Македонскиот велемајстор (ВМ) Звонко Станојоски забележа значајна победа во четвртото коло на 38-от традиционален меѓународен турнир „Трофеј на Белград 2025“ во Белград (Србија), на дуелот со српскиот ВМ Михаил Брјакин (2.476), кој важи за прв фаворит на турнирот, според актуелниот рејтинг.
Во комплицирана средишница и драматична завршница, Станојоски (2.345 рејтинг-поени, рангиран седми пред почетокот на турнирот), кој ги водеше црните фигури, сепак, попрецизно одигра во завршницата и успеа да го принуди противникот да се предаде во 73. потег, откако остана со топ и коњ против топ. Во следното петто коло, Станојоски со бели фигури ќе игра со ВМ од Србија, Борко Лајтхајм (2.359, рангиран шести). На табелата, на пет кола до крајот на турнирот, по четири поени имаат Станојоски, Лајтхајм и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) од Србија, Алекса Петровиќ (2.291, рангиран осми).
На турнирот „Трофеј на Белград 2025“ учествуваат 146 шахисти од 13 држави (шест ВМ, еден ЖВМ, пет ИМ, еден ЖИМ, 15 ФМ, два ЖФМ), Станојоски во 2006 и 2007 година го освои првото место, а лани беше втор. Г.И.