Фото: Општина Прилеп

Прилепскиот Основен суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и им го продолжи притворот до 30 дена на шесте лица во случајот со злоупотреби во прилепската болница – потврдува претседателката на основниот суд во Прилеп, Јасмина Шишковска.

-Притворот е продолжен на шестте лица.Тоа го одлучи кривичниот совет при Судот, но постои можност за жалба. Поднесени се жалби до Апелацискиот суд во Битола за продолжувањето на притворот – вели Шишковска.

Според информациите од Јавното обвинителство на Македонија, прилепското основно обвинителство ја продолжува истрагата против 32 физички и правни лица за сомнежи со јавни набавки во болницата со која институцијата е оштетена за околу 700.000 евра.

Обвинителството донесе наредба за спроведување истрага против вкупно 32 лица – 16 физички, седум правни, а девет други осомничени се гонат по скратена постапка.

Тие се осомничени за кривичните дела – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство како и проневера во службата. Со пријавата се опфатени и дејствија на несовесно работење, злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела за дел од осомничените, кои обвинителството исто така ги испитува – соопштува прилепското обвинителство.

Осомничените, меѓу кои поранешната директорка, раководители и други вработени во болницата, но и управители на осомничени правни лица, преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата, предизвикале вкупна штета на буџетот на прилепската болница  од речиси 43 милиони денари, или околу 700.000 евра.

Прилепското основно обвинителство ја покрена истражната постапка по поднесената кривична пријава од Управата за финансиска полиција.

На 24 октомври им беше потврден првиот притвор до 30 дена на 6-те осомничени лица за злоупотреби во прилепската болница.