Не е толку лошо да останам сам

Светот не ме допира. Не ме интересира до каде стигна војната низ Украина и дали САД ќе ја нападнат Венецуела. Не обрнувам внимание на Газа, сосема сум исклучен околу новата тензија меѓу Кина и Јапонија. Ма сосема ми е неважно дали ќе започне трета светска војна во која планетата ќе ја отсвири својата последна нуклеарна симфонија. Не ми е гајле за ништо. Загрижен сум само за мојата населба.
По години благосостојба, врз нашата населба се спушти политичка деструкција. По фасадите се напласти тага и со своите прсти ја напика тегобноста во нашите души и домаќинства. Од олуците се слеваат дожд и меланхолија. Среде пружените алишта виси депресија. Од подрумите, станарите вадат анксиозност спакувана како зимница. Дрвјата плачат пожолтени лисја и очај што се претвора во траума. Режимот на Орце Ѓорѓиевски и неговата советничка хунта ни забранија да фрламе ѓубре по 22 часот, со што и официјално започна градска вмроовска диктатура, која удри по она што ни е најсвето, вечерното корзо.
Безгрижната радост, со одлука на градскиот режим, сега е забранета. Ни ја одзедоа единствената причина да излеземе на нашето корзо по 22 часот, фрлањето ѓубре. А колку само беше прекрасно досега! Уште од 21 часот, секој од нас, започнуваше да се дотерува за, цел ден очекуваната прошетка, до центарот на нашата населба, наредените контејнери, кои ние ги нарекуваме фонтана на љубовта. И кога часовниците ќе ја засвират најубавата музика, означувајќи го почетокот на прошетката, секој со своите најлон-ќесиња ја започнува маршрутата до „фонтаната“. Некои од нас, оние мажи што уште не ја пронашле својата животна сопатничка, па и тие на кои почнала да им чкрипи брачната постела, пет минути пред 22 часот сме долу, чекаме да видиме кого од нас, ќе го избере Маалена со две а, најубавата комшика на светот, за која „Идоли“ испеаја песна, а Џузепе Торнаторе сними филм, за да ја допрати до контејнерите на нашата животна рапсодија. Нејзиниот избраник е херој на вечерта, а таа го избира само оној што успеал да го погоди вистинскиот парфем што совршено точно се комбинира со миризбата од најлон-ќесето што завршува во „фонтаната“. И одеднаш, мрак, хорор, терор и депресија. На нашето корзо поубаво од Тајм сквер, Пикадили и Монмартр, завладеа најстрашна тишина. Исчезнаа насмевки, замреа разговори, замолкнаа чекори и шушкање на ќесиња.
Нашиот прогресивен претседател на населбата, заедно со неговата модерна сопруга и заедничките им љубовник и љубовница, веднаш го свикаа маалскиот совет каде што сите ги очекуваа пламените говори на највидните членови на заедницата. Машинобраварот се појави во својата маршалова униформа спремен веднаш да крене револуција. До него застана младата екобунтовничка, од нас наречена Грета Т, со транспарент во раката на кој со големи шарени букви пишува, „Нема ѓубре – нема мир“, и веднаш предложи сите да се врземе со лисици за контејнерите. Во средина на гужвата се исправи академикот, експерт, магистер геополитиколог, скратено именуван како Доктор Аналитичар, кој на 279 страници срочил компаративна физибилити-студија за состојбата на ѓубрето во сооднос со просторот и временските ограничувања во светските метрополи, на што се надоврза инфлуенсерката, јутјуберка, поткаст-гуру и лајфкоуч трендсетерка со посебен осврт спрема однесувањето на њујоршките, лондонските и париските граѓански стаорци, наспроти нашите небањати, заразни и провинциско режимски глувци, кои, откако, ќе го снема ѓубрето по 22 часот, ќе дојдат во нашите домови да ни ги глодаат иднината и суштината. Кругот го затворија млади активисти од невладината „Едно отворено општество за сите – два контејнера на љубовта“, кои се заложија за странска интервенција со цел, отцепување на населбата од „цело Скопје вмровски град“ и припојување кон Киев, кој наскоро ќе влезе во Европската Унија. Се појавив и јас, па сите осудувачки погледи се завртеа кон мене, иако само сакав да им соопштам дека ќе ја женам Маалена со две а.
Русјаков, ѓубре небањато, клошару вмронски, сега најде да шириш цинизам и говор на омраза кога власта донесе закон со кој индустријата, како деловна тајна, може да гори какви сака отрови!

Независен небањат вмрон, одбрусив и додадов, само сакав да ве поканам на свадба, ама кога ме влечете за јазик и за презир, да ви ја плукнам в лице вистината: ме заболе кој што ќе гори оти кога врескав дека на клада ќе ни ги запалат идентитетот и Македонија, ми велевте, Нордистан ќе ви ги плаќа сметките. Патем, само што слушнав дека ЕУ ни бапна нов услов, освен Бугари во устав, мора да гориме и нивен нуклеарен отпад и со него да си ја грееме иднината.
Сакам да им фрлам нуклеарна глупост како лажна информација за да им ги измешам лончињата, ама бегам од гужвата. На заминување слушам што ми шепотат зад грб: „За сенешто ни споменува дека сме му го смениле името“, „Ама и се заканува дека до крајот на животот, со презир ќе нè потсетува на тоа предавничко злосторство, секогаш кога ќе мрчиме дека нешто не ни се допаѓа“, „Да, да, ама слушнавте дека ЕУ ни дале уште еден услов, освен Бугари, да внесеме и европски нуклеарен отпад во нашите домови“, „Па, тоа е еколошки отпад, со европски вредности, ЕУ секогаш ни мисли добро, да акнеме една кампања, а?“, „Одлична идеја. Што мислите за… европскиот нуклеарен отпад ќе ни ги отплаќа кредитите?“, „Генијална идеја!“, „Луѓе, па околу ова може да се обединиме дури и со вмроовците, они се поголеми Американци од Европејците!“
Излегувам надвор. Копиљаците повторно ги истуркале контејнерите среде улица. Снаодливиот сосед што го реновира станот го исполнил сега испразнетиот простор со купишта стар мебел. Во зградата отспротива административецот што го пцуе системот повторно систематски ја млати сопругата, веќе утре ќе чујам низ населба дека вештерката си заслужува, премногу провоцира со својата појава, а на маж ѝ му се може, има прва братучеда, обвинителка. За малку ќе ме згазеше верникот што ја остава пред зграда швалерката, го знам од црква, стално зборува дека педерите ни ја сардисаа државата. Се разминувам со соседот што ги труе маалските кучиња. Седнувам на искршената клупа на која урбаните тинејџери го истураат својот бунт против општеството што ги задушува. Заклучувам. Системот е срање, ама глупо е да се оправи и да почне да казнува граѓани, затоа што политичарите ја крадат државата. Најдобро е да влеземе во ЕУ, па сите заедно да заминат во Унијата. Не е толку лошо да останам сам.