Во музејот на уметноста „Гуангдонг Сан Та“ во Гуанџоу, Народна Република Кина, е поставена самостојната изложба „Ин битвин“ на македонскиот уметник Иван Ивановски.
Кураторка на изложбата е Александра Ацеска. Настанот е реализиран во организација на „Фликер студио“, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (музеј на уметноста „Гуангдонг Сан Та“), а коорганизатор е Жанг Веи. Изложбата е реализирана со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија.
Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски (Поетроника), студиски сет специјално снимен за оваа пригода.
Фотографиите се на Даниел Коцев-Пазамат, а дизајнот на постерот е на Лиу Чен.
„Помеѓу“ е простор, емоционална состојба, фрагмент од време, запис на едно патување – и физичко и концептуално – премин од Запад кон Исток, од една во друга реалност. Тоа е процес, транзиција во која секој чекор остава трага што се манифестира преку делата. Тие ја рефлектираат индивидуалната и општествената динамика, истражувајќи ги менталитетот на масата и индивидуалниот ум. Иако секое дело стои самостојно – пренесувајќи различна нарација, истражувајќи идеја или шпекулирајќи со значење – нивното заедничко присуство создава сложени, испреплетени и често неочекувани резултати. Заедно, тие оформуваат повеќеслоен дискурс за перцепцијата, идентитетот и границите меѓу објективното и субјективното.
Иван Ивановски (1983, Скопје) е визуелен уметник чија практика ги опфаќа скулптурата, цртежот, сликарството, инсталацијата, филмот и анимацијата.
Дипломирал вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје (2008), во 2014 година ја завршил академската програма по режија на ФАМУ во Република Чешка, а во моментов е на постдипломски културолошки студии на ИМЛ.
Има реализирано голем број самостојни и групни изложби во Белград, Берлин, Њујорк, Амстердам и во други градови.