Во поројните дождови и свлечишта во изминатите три дена во Виетнам загинаа најмалку 15 лица, а 19 се повредени, соопштија денеска властите.
Шест лица загинаа во централен Виетнам во понеделникот кога автобус беше зафатен од свлечиште и затрупан под земја и камења, соопшти Одделот за управување со брани и превенција од катастрофи на земјата.
Речиси 20.000 куќи се поплавени, поради што илјадници луѓе мораа да се евакуираат. Нивото на водата брзо се зголеми во текот на ноќта кон средата, потопувајќи делови од градот Куј Нон под повеќе од два метри вода, принудувајќи ги жителите да се качуваат на покриви и камбанарии.
Многу патишта беа блокирани од паднати карпи и свлечишта, што го наруши сообраќајот.
Националниот центар за хидро-метеоролошка прогноза соопшти дека обилните дождови ќе продолжат во среда во централниот регион, при што се очекува некои области да добијат до 400 милиметри дожд. Властите предупредија на нови поплави и свлечишта.



































