Косово
- Партијата на мандатарот Аљбин Курти, Самоопределување, допрва треба да обезбеди мнозинство за формирање влада. Доколку партијата Самоопределување не успее да ја обезбеди поддршката од најмалку 61 пратеник, претседателката Османи е должна во рок од десет дена да ги покани политичките партии на консултации. Собранието, по многу перипетии, го осигури мнозинство за избор на Србинот Ненад Рашиќ за петти потпретседател
Аљбин Курти од страна на претседателката Вјоса Османи го доби мандатот за формирање нова косовска влада откако тамошното собрание го избра Ненад Рашиќ за петти потпретседател. Османи наведе дека ја донела одлуката за доделување на мандатот по официјалниот предлог на партијата на Курти, Самоопределување, што освои најголем број пратеници на парламентарните избори одржани во февруари – вкупно 48.
Мандатарот за формирање на владата е должен да ги достави составот и програмата на владата до собранието најдоцна во рок од петнаесет дена од датумот на донесувањето на декретот.
Партијата Самоопределување допрва треба да обезбеди мнозинство за формирање влада по тешкотиите за осигурување мнозинство за избор на претседател на собранието. Доколку Самоопределување не успее да ја обезбеди поддршката од најмалку 61 пратеник, претседателката Османи е должна во рок од десет дена да ги покани политичките партии на консултации. По консултациите, нејзино дискреционо право е да одлучи кому ќе му го довери мандатот за состав на владата, доколку тој кандидат може да докаже дека има стабилно мнозинство за формирање извршна власт.
Ако не се формира влада ниту по вториот обид, тогаш, според членот 95 од косовскиот устав, Османи е должна да распише нови избори, кои треба да се одржат во рок од 40 дена.