По дождот, кој се уште врне во пониските делови од дебарскиот поширок регион, забележани се првите снежни врнежи во повисоките населени места, како Лазарополе, Броштица, подрачјето на Горна Жупа, како и во селото Татар Елевци над градот.
Сообраќајот во овој дел од државата се одвива непречено, но, се препорачува внимателно возење поради влажни коловози и помали, но, чести одрони, поради што се препорачува внимателно возење.
-На патните правци под наша надлежност има помали, но, чести одрони од камен. Поради влажните коловози, но и можноста од поголеми одрони, по што е познат нашиот регион, препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот – потврдија за МИА, од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.
Додаваат дека целосно се подготвени да одговорат на секоја потреба иако зимскиот распоред на работа почнува на 5 ноември.
Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар- Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.
Дожд секако позитивно ќе влијае во зголемувањето на дотеците на реките и потоците во овој регион, што ќе услови зголемен дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“ на Хидроелектраната „Шпилје“.