Кафе и филм „Котур“ го најавува седмото издание на фестивалот на филм и музика – „Ѕирни“. Од понеделник до 6 октомври годинава ќе можат да се проследат филмови со интернационална и национална селекција, 48-часовниот филмски предизвик, специјална проекција во чест на Илинденка Петрушева, концерт на „Луфтханза“ пред Домот на АРМ, интервјуа, изложби, вкусна храна и внимателно селектирана музичка програма.
– На наше големо задоволство, покрај киносалата на „Котур“, фестивалот ќе се одржи и на платото пред Домот на АРМ, место од големо културолошко значење за нашиот град, кое претставуваше собиралиште на младата алтернативна сцена, а и еден од ретките, сѐ уште слободни јавни простори во центарот на градот. Фестивалот ќе се одвива во текот на седум фестивалски дена, со две натпреварувачки филмски програми од официјалната и студентската селекција, како и резултатите од 48-часовниот филмски предизвик, специјална проекција на „Бабички на револуцијата“ во чест на Илинденка Петрушева, концертна промоција на албумот,,Наше после сѐ“ од бендот „Занаду“, изложбата „Добре дојде, добро те најдов“ на Ана В’чкова, концерт на „Луфтханза“, концерт на „Хот џез-оркестар“ и музичка селекција од Томи Бојаџи, Давид Николовски, Миа Ѓоргиевска, Игор Спироски, Никола Димитријевиќ (Double G), Бојан Јанев (Soul Case) – информираат организаторите.
Официјалната филмска програма вбројува доста скопски премиери на домашните филмови, „Нова енергија“ во режија на Сара Климоска и Радован Петровиќ, „Избор“ во режија на Марко Црногорски, „Остров“ во режија на Бранко Костески, „Зајак“ во режија на Ханис Багашов и „Сенките на месечината“ во режија на Тина Величковиќ.
– И оваа година официјалната селекција на кратки филмови ќе се натпреварува за наградата „Данчо Чеврески“. Дополнително, студентска селекција ќе се натпреварува за најдобар студентски филм, а целосната филмска програма ќе се натпреварува за најдобар филм според публиката. Жирито го сочинува истакната група филмски професионалци: режисерката Дина Дума, актерката Кристина Леловац и режисерот Трифун Ситниковски. Покрај официјалната програмата, по третпат ќе се одржи и 48-часовниот филмски предизвик и филмовите од истиот тој, кои ќе се натпреваруваат за најдобар филм од предизвикот, со жири-комисија во состав: Игор Христов – режисер, Горјан Атанасов – монтажер и Слаѓана Вујошевиќ – актерка – споделуваат организаторите на „Ѕирни“.
Влезот за целосната програма на фестивалот е слободен.