Визното олеснување со САД повторно се враќа на маса во рамките на стратешкиот дијалог
- Познавачите на дипломатските состојби се согласни дека земјава требало подобро да го искористи стратешкото партнерство и со време да ги почне процедурите за укинување на визниот режим со САД, кои траат и повеќе од 10 години, па затоа предлагаат веднаш да се почне интензивно да се работи на тоа прашање, наместо повремено попатно да се спомнува на средбите со американските челници
Со приклучувањето на Македонија во НАТО, но и со одамна воспоставеното стратешко партнерство, созреани се сите услови САД да ги укинат визите за македонските граѓани по ист терк како што го направија тоа пред некоја година со Хрватска.
Во таа насока шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски за време на престојот во САД истакна дека визното олеснување за македонските граѓани е една од темите што се отвора во рамките на стратешкиот дијалог со Вашингтон.
– На средбата во мај со државниот секретар Марко Рубио дефиниравме заеднички приоритети поврзани со билатералните и со мултилатералните релации, како и со засилената трговска и економска динамика. Чекор по чекор гледаме како тие приоритети се реализираат. Во рамките на дијалогот ќе отвориме повеќе теми, меѓу кои и визното олеснување – не ветуваме дека тоа ќе се случи веднаш, но веќе е ставено на маса во разговорите со администрацијата во Вашингтон – рече Муцунски во интервју за Сител во пресрет на средбите со американските челници.
Познавачите на дипломатските состојби се согласни дека земјава требало подобро да го искористи стратешкото партнерство и со време да ги почне процедурите за укинување на визниот режим со САД, кои траат и повеќе од 10 години.
– Американците имаат стандард по кој ги вклучуваат земјите на чии граѓани нема да им бараат визи, а ние требаше уште претходно да го искористиме стратешкото партнерство и да го отвориме тоа прашање одамна. Ако не прашуваш и ако не молиш, никој ништо нема да ти даде. Самиот процес на укинување на визите е поврзан со бројот на граѓани што излегле од Македонија, со азилантите, со тие што имаат и други државјанства и живеат во разни земји. Американците имаат доста такви информации и не е толку едноставно да се укине тој режим. Хрватска го нема тој проблем бидејќи е дел од ЕУ, но не треба да се заборави и дека тие ја почнаа таа процедура многу одамна. Затоа и ние требаше порано да ги почнеме активностите, но ако сега се најавуваат, треба да ги интензивираме напорите и упорно да бараме од нашите стратешки партнери да нѐ вклучат во безвизната програма, за да може да се надеваме од 2035 година да немаме визи со САД – заклучуваат познавачите на дипломатските практики. С.Т.